Фото: Принтскрин

ИТАЛИЈАНЕЦОТ ШТО ЈА ИЗБРА МАКЕДОНИЈА

  • Овој фељтон е создаден врз основа на повеќечасовните разговори што ги водев пред неколку години со д-р Боро Ристевски во неговиот
    роден дом во Ново Село. Во последните години од животот, од пролет до есен, повторно се враќаше таму – во селото каде што е роден, каде што ги направил првите животни чекори и од каде што започнала неговата медицинска приказна. Д-р Боро повеќе не е меѓу нас, но останаа неговите спомени. Исклучителната бистрина со која се сеќаваше на луѓето и настаните од пред шест и повеќе децении беше редок дар.
    Токму затоа неговото сведоштво денес има вредност на историски документ

Овие записи се обид да се зачува од заборав животната приказна на д-р Анџело Татули – човекот што во Демир Хисар дошол како Италијанец, а останал запаметен како лекар. Покрај сеќавањата на д-р Боро, користени се и достапни биографски податоци, а истражувањето продолжува и преку контактите со потомците на семејството Татули, со желба оваа необична човечка судбина да биде што поцелосно документирана.

Кој беше д-р Анџело Татули?

Денес ако тоа прашање им го поставите на помладите жители на Демир Хисар, малкумина ќе знаат да одговорат. Постарите, пак, сè уште ќе се сетат на високиот Италијанец со белиот лекарски мантил, човекот што со години беше единствениот лекар во тогашната општинска амбуланта. Неговото име одамна стана дел од колективната меморија на Демир Хисар, но за неговиот живот и денес се знае изненадувачки малку.
Роден е во 1908 година во Бари, на брегот на Јадранско Море. Малкумина тогаш можеле да претпостават дека животниот пат ќе го одведе далеку од родниот град, во едно мало македонско гратче, каде што ќе ја помине најголемата и најзначајна етапа од својот живот.
Во текот на Втората светска војна бил припадник на италијанската војска. Но, некаде на балканските простори донел одлука што целосно му ја променила судбината. Дезертирал од воените единици и им се приклучил на борците на македонското Народноослободително движење.
Што точно го натерало на таков чекор – денес можеме само да претпоставуваме. Но факт е дека по ослободувањето повеќе никогаш не се вратил да живее во Италија. Македонија станала негов нов дом. Така започнала една сосема нова животна приказна.
Во првите повоени години бил распореден во здравствената служба во Демир Хисар, каде што тогаш постоела само една општинска амбуланта. Медицинскиот кадар бил малоброен, условите скромни, а потребите на населението огромни. Од десетици околни села секојдневно пристигнувале пациенти, барајќи лекарска помош што во тоа време била вистинска реткост.

д-р Анџело Татули

Токму таму, неколку години подоцна, своите први професионални чекори ќе ги направи и младиот лекар од Ново Село – д-р Боро Ристевски. „Кога почнав да работам, д-р Татули веќе беше човек со големо искуство. Од него научив многу повеќе отколку што може да се научи од учебниците. Не нè учеше само како се лекува болеста туку и како се почитува човекот што дошол да побара помош“, се сеќаваше д-р Боро.
Татули не живеел живот на привилегиран странец. Напротив. Подолг период бил потстанар во куќата на семејството Беломачковци во тогашното Мургашево. Брзо ги прифатил навиките на новата средина, се зближил со луѓето и постепено станал еден од нив.
Во Македонија ја запознал и својата втора животна сопатничка – Милица, девојка од ресенското село Царев Двор. Со неа создал семејство и ги добиле синовите Бенито и Џузепе, кои подоцна останале да живеат во Скопје. Од првиот брак во Италија имал две ќерки.
И покрај почитта што ја уживал меѓу пациентите, околу неговото име со години кружеле различни чаршиски приказни. Некои тврделе дека бил дипломиран доктор по медицина, додека други раскажувале дека за време на војната италијанската армија подготвувала медицински кадар со пократка обука за работа во фронтовските болници. За таквите тврдења никогаш не беа презентирани документи и тие останаа дел од локалните кажувања.
Д-р Боро никогаш не им придаваше особено значење. „Не знам што зборувале луѓето“, велеше. „Јас знам што видов. Пред себе имав човек што знаеше медицина, што знаеше да постави дијагноза и што знаеше да им помогне на луѓето. За мене тоа беше најважно.“ Токму затоа, кога зборуваше за својот прв учител, д-р Боро никогаш не почнуваше од неговото потекло, туку од неговата човечност.

Автор: Благоја Шундовски