Бројот на денови со висок ризик од шумски пожари во Јужна Европа е двојно зголемен од 1981 година, според истражување објавено во списанието „Сајентифик репортс“, во кое се предупредува дека регионот влегува во период на „екстремен ризик од пожари“. Истражувањето, предводено од Раул Кордеро од Универзитетот во Гронинген во Холандија, опфати голем дел од Иберискиот Полуостров, Франција, Италија и од Грција.
Најизразено зголемување е забележано на Иберискиот Полуостров, каде што делови од Португалија и Шпанија во текот на последната деценија годишно имале до 25 дена со екстремно топли, суви и ветровити услови погодни за појава на пожари, додека во периодот од 1981 до 2010 година имало помалку од десет. Но, и покрај зголемениот ризик, авторите наведуваат дека во последната деценија (2016-2025), во Јужна Европа се регистрирани во просек помалку шумски пожари отколку порано и дека во повеќето земји изгорената површина била помала отколку во текот на 1980-тите.
Меѓу другото, тие го припишуваат овој тренд на подоброто управување со шумските пожари, вклучително и подобра обука на пожарникарите, поголем број противпожарни авиони и поголема јавна свест. Сепак, тие предупредуваат дека поуспешното гаснење на пожарите во исто време придонело за акумулација на запалив материјал во животната средина, што, во комбинација со климатските промени, го зголемува ризикот од поретки, но значително поразорни мегапожари што тешко се контролираат. Затоа, авторите препорачуваат насочено и контролирано спроведување на редовно согорување на вегетацијата и примена на умерено, наместо максимално, сузбивање на пожарите како можни мерки за спречување на појавата на пожари од големи размери.