Просечната оценка од годинашната матура изнесува 3,66, земајќи ги предвид сите три типа матурски испити – државна, државна стручна и државна уметничка матура, соопштија денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска.
Оваа година за првпат се полагаа три вида матура. Просечната оценка на државната матура е 3,62, на државната стручна матура 3,91, а на државната уметничка матура 3,59.
Министерката Јаневска изјави дека е задоволна од резултатите, оценувајќи дека просекот е речиси идентичен со ланскиот, кога изнесуваше 3,69, и значително подобар во споредба со 2024 година, кога беше 3,26.
– Сметам дека ова се објективни резултати, постигнати благодарение на добрата подготовка и организација на сите институции вклучени во процесот – изјави Јаневска.
За јунската испитна сесија биле пријавени вкупно 14.587 ученици, од кои 12.184 за државна матура, 2.276 за државна стручна матура и 127 за државна уметничка матура. На испитите не се појавиле 348 кандидати, што претставува 2,39 проценти од пријавените.
Најголем број матуранти, како и претходните години, како втор екстерен предмет избрале англиски јазик – вкупно 13.208 ученици.
Од Државниот испитен центар посочија дека за секој тип матура биле подготвени посебни испитни програми и тестови, усогласени со наставните програми што учениците ги следеле во текот на четиригодишното средно образование.































