Фото: Принтскрин

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека изградбата на железничкиот Коридор 8 е еден од најважните инфраструктурни приоритети на Владата и порача дека проектот конечно влегува во фаза на реализација.

Пред потпишувањето на договорите за финансирање на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, Николоски истакна дека Владата покажува како се реализираат капитални проекти и како се надминуваат проблемите наследени од минатото.

 – Покажуваме како може да се реализираат проекти, да се решаваат проблеми од минатото, да се стават работите на вистинските шини и тие конечно да се движат – изјави Николоски.

Тој нагласи дека денешното потпишување е дел од визијата Македонија да ја искористи својата стратешка положба како раскрсница на Коридорите 8 и 10 и да стане важен транспортен и логистички центар на Балканот.

Според Николоски, Владата постигнала договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел што ќе ги поврзе двете земји. На крајот на месецот во Скопје се очекува втор меѓувладин состанок, на кој двете држави ќе испратат заедничко барање до Европската Унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за дополнителен грант за изградбата на тунелот.

Тој соопшти дека преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија веќе се обезбедени 149 милиони евра грант за третата делница од железничкиот Коридор 8.

 – Есенва ќе биде избран изведувачот и веднаш потоа ќе започнат градежните работи. Во тек е тендерот за избор на надзор, а постапките се одвиваат според предвидената динамика – рече Николоски.

На потпишувањето на договорите во Владата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претставници на Делегацијата на Европската Унија, ЕИБ, ЕБОР и на Железници – Инфраструктура.