Деновиве, издавачката куќа „Феникс“ од Скопје ја објави новата книга од Христо Петрески со наслов „Скопски провиденија и привиденија“. Во неа се објавени вкупно 40 кратки раскази во стихови оквалификувани во поднасловот на книгата како „археологија на гласови“. Авторот во предговорот на книгата со наслов „Градот што памети“ истакнува: „Секој град има две лица. Едното го гледаме секој ден: улиците, плоштадите, мостовите, зградите, реките, луѓето што минуваат низ него. Другото останува невидливо“.
Тоа се гласовите што исчезнале, чекорите што се изгубиле, куќите што повеќе не постојат, лицата што одамна ги нема, но сè уште живеат во меморијата на градот. Оваа книга е обид да се слушне токму тоа второ лице на Скопје. „Провиденија и привиденија“ не е историски водич, ниту класична хроника на еден град. Ова се мали книжевни траги, прозни и поетски искри и имагинарни разговори со Скопје – град што постојано се менува, но никогаш целосно не исчезнува. Во овие страници ќе се сретнете со Скопје на мостовите и реките, на тврдината и чаршијата, на Водно и Матка, на старите маала и новите булевари. Ќе ги слушнете гласовите на писатели, поети, хроничари, мајстори, занаетчии, патници и обични луѓе што го граделе невидливото лице на градот.
Ќе поминат пред вас: Камениот мост што памети векови, Вардар што носи човечки приказни, Калето што ги чува тајните на времето, старите маала што мирисаат на детство, чаршијата што зборува со јазикот на занаетите, поетите што му ја бараа душата на градот. Во оваа книга ќе се појават и оние што веќе ги нема. Не како сенки на минатото, туку како живи соговорници. Зашто градот не е само она што останало. Градот е и она што се изгубило.


































