Фото: Пиксабеј

Дали некогаш сте се изненадиле кога некој ќе се сети на нешто што сте го спомнале само еднаш – омилената книга, важен датум или некоја ситница од разговорот? Според психологијата, ваквото паметење не е само знак на добра меморија, туку и на внимателно слушање и искрен интерес за соговорникот, пишува Тајмс оф Индија (Times of India).

Психолозите објаснуваат дека кога некој помни мали детали за нас, добиваме чувство дека сме забележани и ценети. Токму тоа придонесува за градење доверба и поблиски односи, без разлика дали станува збор за партнерство, пријателство или колегијални односи.

Истражување на Универзитетот во Абердин покажало дека намерното потсетување на детали од претходни разговори – она што научниците го нарекуваат „покажување меморија“ (memory display) – е еден од начините на кои им покажуваме на другите дека ни се важни. Луѓето што го доживуваат тоа полесно развиваат доверба и попозитивно го оценуваат односот.

Експертите нагласуваат дека не станува збор за совршена меморија. Многу поважно е искрено да го слушаме соговорникот и да покажеме дека сме обрнале внимание на она што го кажал. Понекогаш токму една запаметена ситница остава посилен впечаток од долг разговор.