ФОТО: МИА

Последиците од случајот со водата за пиење и денеска беа присутни во Гостивар – граѓаните продолжија да подигнуваат флаширана вода од пунктовите низ градот, во Општата болница продолжија прегледите на пациенти со стомачни тегоби, а пред судија на претходна постапка беа изведени тројцата осомничени во истрагата за случајот.

На седумте пункта за дистрибуција на флаширана вода, поставени од Владата, во текот на целиот ден граѓаните подигнуваа пакети со вода за пиење. Поради зголемениот интерес, на дел од локациите залихите привремено се намалуваа, но со нови испораки дистрибуцијата продолжуваше без подолги прекини.

 

Дел од граѓаните со кои разговараше МИА посочија дека имало случаи кога поединци подигнувале повеќе пакети со вода, што според нив дополнително го зголемувало притисокот врз залихите на одделни пунктови. Други, пак, оценија дека најважно е што испораките продолжуваат и што граѓаните имаат пристап до вода за пиење.

За останатите потреби, жителите велат дека се снаоѓаат на различни начини. Дел од нив одат во околните села за да обезбедат вода за одржување на хигиената, додека други купуваат дополнителни количества флаширана вода.

 

Пред здравствените установи во Гостивар и денеска граѓани бараа лекарска помош поради симптоми како дијареја, повраќање и мачнина. Дел од нив за МИА велат дека состојбата им создава сериозни проблеми во секојдневното функционирање и во одржувањето на основната хигиена.

Граѓаните посочуваат дека кај дел од нив стомачните проблеми продолжиле и неколку дена по појавата на првите симптоми. Тие изразуваат незадоволство поради состојбата со водоснабдувањето, оценувајќи дека нарушувањето на квалитетот на водата влијаело врз нивното здравје и секојдневниот живот.

 

Според директорот на Општата болница во Гостивар, Емри Бајрами, во изминатото деноноќие биле прегледани вкупно 198 пациенти – 111 на Инфективното одделение, 75 на Одделението за педијатрија и 12 во Ургентниот центар. Еден пациент, поради здравствената состојба, бил упатен на лекување на Инфективната клиника во Скопје.

– Клиничката слика и понатаму се карактеризира со стомачни проблеми, а поретко со треска и покачена телесна температура – рече Бајрами.

 

Според податоците што вчера ги соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, од почетокот на епидемиолошката состојба се евидентирани речиси 3.100 здравствени контакти преку Здравствениот дом, Општата болница, телефонските јавувања и интервенциите на Итната медицинска помош.

Првиот преглед бил регистриран на 14 јули, а на 19 јули за првпат било забележано намалување на бројот на приеми, што здравствените власти го оценуваат како прв показател за постепено стабилизирање на состојбата.

 

Во меѓувреме, случајот доби и судска димензија. Пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар денеска беа изведени директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар и двајца раководители во претпријатието, против кои Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага за кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење“.

Во текот на распитот пред судија на претходна постапка, пред зградата на Основниот суд Гостивар исходот го очекуваа членови на семејствата и блиски лица на тројцата осомничени.

 

Како што беше соопштено на брифингот во гостиварското Обвинителство, на кој присуствуваа државниот јавен обвинител Ненад Савески, шефицата на ОЈО Гостивар Елизабета Јосифовска и надлежните јавни обвинители кои постапуваат по предметот, Зура Селими и Хазби Исеини, тројцата се сомничат дека преку нелегално поставување пумпи во преливната комора во село Вруток предизвикале загадување на водата за пиење со која се снабдува Гостивар.

Според Обвинителството, осомничените како соизвршители наложиле поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода во близина на преливната комора на системот за водоснабдување, со цел да го тестираат притисокот на водата.

 

При увидот извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку нив се внесувала вода со штетни материи во системот за водоснабдување.

– Во текот на истрагата, денеска е поднесен и предлог за определување мерка притвор за сите тројца за 30 дена, бидејќи сметаме дека во оваа фаза на постапката нема друг начин тие да се обезбедат – изјави надлежниот јавен обвинител Хазби Исеини.

Исеини посочи дека истрагата продолжува и дека ќе бидат преземени дополнителни истражни дејствија за целосно утврдување на околностите, како и за евентуално проширување на истрагата доколку се утврди одговорност и кај други лица или институции.

 

Според досегашните докази, пумпите за првпат биле поставени на 24 јуни, по што биле правени проби за нивото на притисок.

Надлежните институции апелираат забраната за користење на водата од водоводот да се почитува сè додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е безбедна.

Жителите на Гостивар и натаму остануваат зависни од дистрибуцијата на флаширана вода и ги очекуваат резултатите од активностите што треба да доведат до целосно нормализирање на водоснабдувањето во градот, пренесува МИА.

ФОТО: МИА
ФОТО: МИА
ФОТО: МИА
ФОТО: МИА
ФОТО: МИА