Фото: Тимчо Муцунски/Фејсбук

Нашата земја им нуди на индиските компании конкурентен влез во регионот и на европскиот пазар. За нас Индија не е само важен пазар, туку и стратешки економски партнер со кого имаме огромен потенцијал за продлабочување на соработката во трговијата, инвестициите, иновациите, образованието, дигиталната трансформација и културата – рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Македонско-индискиот бизнис форум што се одржува попладнево во Скопје, во присуство на претседателките Гордана Силјановска-Давкова и Друпади Мурму.

Според Муцунски, Индија денес е една  од главните приказни за успех на нашето време, а нејзиниот забележителен раст, технолошко лидерство и претприемачки дух ги трансформираа не само регионот, туку и глобалната економија.

Муцунски посочи дека во 2025 година, билатералната трговија со Индија достигна речиси 132 милиони американски долари, што е речиси двојно повеќе од нивото од претходната година.

– Тоа е охрабрувачки, но е само почетокот. Нашата амбиција е поголема. Сакаме повеќе трговија, повеќе инвестиции, повеќе заеднички вложувања. Повеќе компании кои работат заедно за да создадат вредност во двете наши земји – рече министерот Муцунски.

Тој посочи дека државава е посветена на зајакнување на владеењето на правото, подобрување на бизнис климата и на извозот и обезбедување инвеститорите да најдат не само можност, туку и влада подготвена да биде нивен долгорочен партнер.

– Наоѓајќи се на крстопатот на Југоисточна Европа, горда сојузничка во НАТО и цврсто посветена на европската иднина, нашата земја им нуди на индиските компании конкурентен влез во регионот и на европскиот пазар – посочи Муцунски.