Фото: Горан Анастасовски

Поради невремето проследено со силен ветер, кое попладнево го зафати Скопје до овој момент преку Единствениот број за итни повици 112 се евидентирани повеќе од 1.000 повици од граѓани, информираше Центарот за управување со кризи.

– Во Скопје е пријавена падната кровна конструкција од зграда на улица „Женевска“ број 10, при што се оштетени повеќе патнички возила. Регистрирани се и паднато дрво врз моторно возило на улица „Методија Митевски“, паднато дрво на улица „Никола Тримпаре“, како и падната кровна конструкција на улица  „Трифун Бузев“. Исто така, пријавено е дека дел од кровната конструкција на ООУ „Владо Тасевски“ е откорната од силниот ветер. На улицата  „Хелсинки“ број 5 се регистрирани две паднати дрвја, додека на улица „Скупи“ број 89 паднати дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа. Во Куманово е пријавена падната кровна конструкција на булевар „Октомвриска револуција“ – информираа од ЦУК.

Оттаму додаваат дека за сите пријавени настани се известени и постапуваат надлежните служби, кои се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од невремето.