КОШАРКА
Во текот на четирите дена ќе бидат организирани предавања, работилници и практични демонстрации под водство на реномирани меѓународни експерти, пишува КФМ
Од денеска до недела главниот град на Македонија, Скопје, ќе биде центар на европската мини-баскет сцена, откако Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), во партнерство со ФИБА Европа и фондацијата ФИБА, ќе биде домаќин на 11. издание на Европската конвенција за мини-баскет, информира КФМ. Настанот ќе собере тренери, едукатори и спортски работници од повеќе европски земји, кои секојдневно работат со најмладите кошаркари и кошаркарки. Целта на конвенцијата е преку размена на искуства, современи методологии и практични примери да се унапреди работата со децата и да се поттикне нивниот правилен спортски развој.
Во текот на четирите дена ќе бидат организирани предавања, работилници и практични демонстрации под водство на реномирани меѓународни експерти, пишува КФМ. Учесниците ќе имаат можност да стекнат нови знаења и алатки за подобро воведување на кошарката кај најмладите, како и за промовирање здрави животни навики и спортски вредности. Практичниот дел од програмата ќе се реализира во спортската сала „Лазар Лечиќ“, а завршницата ќе биде обележана со голем мини-баскет фестивал на Кејот на Вардар.
– На фестивалот се очекува да учествуваат повеќе од 300 деца и околу 90 тренери, кои преку дружење, игра и спортски активности ќе ја прослават љубовта кон кошарката. Конвенцијата е уште една потврда за посветеноста на македонската кошарка кон развојот на младите категории и признание од ФИБА за напорите што се вложуваат во создавањето квалитетна основа за идните генерации кошаркари и кошаркарки – пишува КФМ. Г.И.

































