Бети е мртва! Да живее Чарли! Половина Нордистан се зави во црно. Оти половина нордистанци имаат британски корен. Носат во себе ројалистички дух. Црвените крвни зрнца им се небесносини. Пијат чај во пет попладне. Нивните татковци и мајки гинеле за Фокландските Острови. Затоа сега се многу тажни. Во очи им се насобрани лондонски облаци. В срце се вгнезди шекспировска трагедија. Му се налутија и на Бога, оти не ја чуваше доволно долго кралицата. Сега ќе маршираат од Нордистан до Кумро… до Бакингам.
Кога умрел Филип Македонски, излегле Атињаните по улици и плоштади за да ја прослават неговата смрт. Само Демостен тажно ја гледал прославата. На крајот не издржал, па им рекол, тоа е само еден Македонец помалку.
Бети е мртва! Да живее Чарли! Половина Нордистан фати да прославува ко бабите и дедовците да им скапале по затвори како членови на ИРА. Па, фатија да „пеат“ дека сега во светот има едно зло помалку. Море почнаа да се расфрлаат со злосторствата на империјата. Најморбидно е што веднаш го извадија муабетот за фрлениот напалм од страна на Британците врз Македонците за време на граѓанската војна во Грција. Да, тоа се случило, но тогаш Македонците, окупирани и распарчени, се бореле за своите слободи. А денес, слободните нордистанци се откажаа од сите свои слободи за да бидат робови.
На едниве, кои се степаа да ни објаснат колку Квин Бети била кул, па не знам какви добрини направила за човештвото, морам да им кажам, жал ми е, колку и да ве возбудува аристократија, колку и да се правите Англичани, од вас принцови и принцези не бидува, ама па ако се ожените или омажите со братучеди или внуки од тетки, породот може да ви заличи на некого од белосветските кралски семејства. На оние, пак, што западнаа во радосна еуфорија, оти починала кралицата, демек едно зло помалку, не знам како да им објаснам дека радоста им е будалаштина. Знаете ли што значи она, „кралот е мртов, да живее кралот“? Тоа значи дека во истата секунда кога умира крал (кралица), веднаш има нов крал (кралица). Кралот е круна. Круната не е личност. Речиси секогаш наследникот продолжува каде што запрел претходникот. Така што, каде што запре Бети, таму ќе продолжи Чарли, а вие не се потресувајте многу околу круната. Гледајте како ќе презимите. Во Бакингам сигурно ќе биде топло.
Не знам што се фатив за смртта на британската кралица, кога, реално, ни пет секунди од своето внимание не потрошив на таа информација. Е па, се изнервирав. Во нормални земји, каде што возачот седи на левата страна, жалоста трае најмногу три дена. Овие не, морало десет дена да жалат. И нема Премиер-лига. Е па, нема. А можеше да умре во ноември, за време на Светското првенство во Катар или да почека до следното лето, кога е пауза во лигите. Нели е кралица, најмоќната жена на светот, веројатно можеше да се договори смртта да дојде малку подоцна.
Извинете на мрчење, Бог да ги прости мртвите, влегов во англискиов филм, зашто ваквите моменти даваат дефиниција за македонската трагедија која доведе до нордистанскава гротеска во која се давиме. Умре една кралица, а нашиве тука, со сериозна закрвеност, веднаш се поделија во својата хистерија, само што и едните и другите вообичаено ја промашуваат поентата. Тоа е дефиницијата.
Но ако во кралството жалоста трае десет дена, во Нордистан секое чудо за три дена. Штом ги решивме кралските прашања, Нордистан се врати на украинскиот проблем. Оти откако ние дадовме оружје, им тргна на Украинците. Парче ја прават Русија. Тоа ни го потврди извесна Урсула фон дер Лејен. Таа кажа дека Русија е капут, ја фрлиле на колена. Економијата ѝ умрела, Русите веќе немаат индустрија, енергенти, јадење и греење. Немаат ни оружје, а камоли чипови за него. Сега чипови вадат од пегли, фигара и вибратори, Русинките немаат со што да пеглаат, да виткаат коса и да се сексаат, па освен економска, Русија западна и во брачна криза. Сето ова веднаш го пренесоа и нордистанските медиуми. Жанровски, тие припаѓаат во навивачка ресавска школа. Совршен доказ се дека „новинарството во Тенеси“ никогаш не завршува. И сета еуфорија откако украинската војска изведе делумно успешна офанзива во харковската област. Велам делумна, затоа што претрпеа катастрофа во офанзивата кај Херсон, а во оваа харковската, дадоа огромен број жртви за разлика од Русите, кои се повлекуваа, но тоа не е поентата. Повторно е промашена суштината, односно крајот на војната и мирот што сериозно се оддалечува од стварноста, оти Русите, кои на почетокот тргнаа во денацификација, откако ги сотреа оние „азовци“ и слични наци-баталјони, продолжија да си освојуваат територија, а Украинците, кои во почетокот само се бранеа, сега зборуваат дека ќе ги освојуваат Крим, Москва и Месечината.
Се задлабочив и јас во отворената украинска Пандорина кутија без надеж во неа. Некој ја украл, така бидува тоа денес. Гледам пропаганден клип. Како се мијат раце со мало количество вода. И тоа тенок млаз студена вода. Никако топла. Ја гледам тетката што го презентира миењево раце, позната ми е од некаде, не можам да се сетам од каде. Продолжувам да следам разни други упатства.
На зима, колку и да е студено, не треба да се претерува со греење. Може да се стоплите и ако носите волнени чорапи. Хм, интересно, има логика, оти како ни велеа старите, не оди бос, студот оддолу влече. Следно, зјапам во плакат. Внимателно го читам текстот. Ако вашиот сосед претерува со трошење енергија, дреме под туш долго време злоупотребувајќи топла вода, доколку вашиот партнер или партнерка инсистира на чест секс, а при секс сте голи, па мора да рокате парно и уште по секс вообичаено се туширате… со топла вода… најдобро е да ги пријавите соседот, партнерот… на тој и тој број. Баш интересно. Како да сум во филм на Јиржи Менцел од времето на советската комунистичка диктатура, ама ова не е тој филм, оти за Западот станува збор. Западот во волнени чорапи, со калци и плетени елеци, со гунчиња и шалчиња, стуткан во јамболлии, Западот се бања еднаш во неделата, со тенок млаз студена вода и го кодоши соседот што не ги следи директивите на драгиот водач, Европската Унија. Западот влегува во комунистичка приказна. Чекам само уште Урсула да најави перестројка и да ја запееме Интернационалата, па ми доаѓа да им речам ко на моиве нордистанци, баталете да се плеткате кај што не ви е место, ниту можете, ниту знаете, што и да правите секако ќе ја промашите поентата, затоа гледајте како ќе ја преживеете зимава.