Елизабета помина седум децении на една од најпознатите позиции во светот без да преземе директна политичка акција

Во текот на седумте децении од владеењето на Елизабета Втора, светот се промени како никогаш досега, понекогаш на полошо, често на подобро, а кралицата сето тоа го следеше од својот престол, истакнува Брајан Волш за „Вокс“

Сите промени со кои се соочи британската монархија во текот на владеењето на Елизабета Втора

Во замокот „Балморал“ во Шкотска, кралицата Елизабета Втора почина на 96 години. Иако официјалните овластувања на кралицата беа поголеми отколку што многумина би можеле да помислат во уставна монархија, според англискиот закон, монархот може да избере да го назначи или разреши премиерот, но во практика тие никогаш не биле максимално искористени, ниту, пак, некогаш би биле.
Позицијата на кралицата, ако не и континуираното постоење на британската монархија, зависеше од тоа да остане надвор од вистинската политичка сфера. Британската влада владееше во нејзино име од Вестминстер, но се смета дека е неуставно монархот дури и да гласа. Како резултат на тоа, Елизабета помина седум децении на една од најпознатите позиции во светот без да преземе директна политичка акција. Таа се сретна со сите што вреди да се сретнат, пропатува повеќе од милиони километри и посети над 115 земји, пречека 15 британски премиери на функцијата, сето тоа без да направи нешто друго освен да биде нејзиното често тивко кралско јас. Тоа ја направи, во извесна смисла, најголемиот набљудувач во историјата. И историјата на која беше сведок беше повеќе од само кумулативна тежина од 70 години. Во текот на тие децении светот се промени како никогаш досега, понекогаш на полошо, често на подобро, а кралицата Елизабета Втора го набљудуваше сето тоа од својот престол.

Крајот на една империја

Денес, се разбира, веста за смртта на кралицата веднаш се прошири низ интернет и, покрај напорите да се контролира веста, таа набрзо протече преку Твитер. Во текот на нејзиното владеење, Велика Британија се сведе од над 70 прекуокеански територии, како Хонгконг и Сингапур во Источна Азија, Јемен на Блискиот Исток и Гвајана во Јужна Америка, до неколку претежно ретко населени острови. Дури и самото Обединето Кралство може да биде предодредено да се распадне, бидејќи реална е можноста за обединување на цела Ирска, а Шкотска повторно се заканува со референдум за независност.
Како што беше кога беше крунисана во 1953 година, Велика Британија сè уште е нуклеарна сила и сè уште има едно од петте постојани места во Советот за безбедност на ООН. Но шест години по гласањето за брегзит, меѓународното влијание на Велика Британија е на најниска точка или барем ќе беше ако не изгледаше веројатно дека ќе падне уште повеќе додека економски проблематичната нација се подготвува за кризата со трошоците за живот оваа зима.
Во секој случај, исчезнувањето на империјата на која била сведок Елизабета не е нешто за што треба да се жали. Ако самоопределувањето, правото на луѓето сами да одлучуваат за својата судбина во меѓународниот поредок, е свето, тогаш фактот дека повеќе од 700 милиони луѓе во времето на крунисувањето на Елизабета ефективно живееле под владеење на странска влада е историска грешка што мораше да се исправи.

Седумдесет години се долг период

Секој што седи на престол 70 години ќе биде сведок на променлив свет. Но владеењето на Елизабета беше толку посебно бидејќи седумте децении што ги помина како кралица беа единствени сами по себе. Меѓутоа, за време на Елизабета, британскиот БДП по жител се зголеми повеќе од тројно, како дел од бранот економски раст што започна во 1800-тите, со Индустриската револуција, и навистина се рашири на глобално ниво во повоената ера. Очекуваниот животен век во Велика Британија беше нешто помалку од 70 години во 1953 година, а денес е повеќе од 80 години.
Промените беа уште поголеми во текот на овие децении во многу од земјите во развој што некогаш ја сочинуваа Британската Империја. Непосредно пред смртта на кралицата, Индија, која помина речиси еден век под директна британска власт, ја престигна Велика Британија како петта по големина економија во светот. Голем дел од тој напредок беше резултат на технолошките промени на кои Елизабета беше сведок од прва рака. Таа беше првиот британски монарх чие крунисување беше емитувано во живо на телевизија, ја испрати својата прва е-пошта во 1976 година, а првата објава на Твитер беше во 2014 година. Нејзината прва божиќна порака до нејзините поданици беше емитувана преку радио, а нејзината последна се емитуваше на Јутјуб.
Ако дел од привлечноста на кралицата беше нејзината чиста долговечност, таа долговечност беше уште поважна бидејќи се одвиваше во период на невидени промени. Обединетото Кралство од 2022 година и целиот свет би биле непрепознатливи за 25-годишната жена што беше крунисана во Вестминстерската катедрала во 1953 година. Темпото на промените што ќе следуваат ќе се забрза за Чарлс Трети и неговите наследници. Една од тие промени, барем во Велика Британија, сигурно ќе биде самата монархија. Како што напиша Дилан Метјус во 2015 година, уставните монархии можат да имаат вистинска вредност, ако една личност е од политиката без да биде вклучена во неа. Но таа улога можеби згасна со животот на кралицата. Кралските обврски можеби ќе му бидат пренесени на Чарлс, фигура што ѝ е премногу позната на британската јавност, но веројатно не и духот што го отелотворува Елизабета.
Кралицата Елизабета Втора не предизвика ниту една од овие промени во своето владеење, но таа сведочеше на нив од уникатно привилегирана гледна точка. Нејзиното заминување е потсетник за тоа колку навистина се долги 70 години, особено изминатите 70 години.