Фото: ЕПА

Со зелените политики и високите трошоци европското сточарство во надолен тренд

  • ЕУ веќе неколку години се соочува со перманентна и длабока трансформација на својот аграр, но во надолна линија. Најновите податоци на Евростат потврдуваат дека трендот на намалување на бројот на добиток не само што продолжува туку и станува една од најкарактеристичните промени во европското земјоделство. Во текот на 2025 година е евидентиран пад кај сите главни категории добиток – говеда, свињи, овци и
    кози, што укажува дека не станува збор за краткорочна осцилација, туку за структурна промена на секторот.

Според европската статистичка служба, во ЕУ на крајот од 2025 година имало околу 131,5 милиони свињи, 71,6 милиони говеда, 55,3 милиони овци и 10,2 милиони кози. Во споредба со претходната година, бројот на свињите е намален за 0,5 проценти, на говедата за околу 0,4 проценти, на овците за 2,2 проценти, а на козите за 2,5 проценти. Овие бројки се надоврзуваат на повеќегодишниот тренд на континуирано намалување на сточниот фонд во Европа.

Зошто европските фарми остануваат со сè помалку добиток?

Причините за ваквото движење се многубројни и меѓусебно поврзани. Пред сè, европските сточари работат во услови на значително повисоки производствени трошоци отколку пред една деценија. Поскапувањето на добиточната храна, енергијата, ветеринарните услуги и работната сила сериозно ја намалува профитабилноста на производството.
Истовремено, ЕУ постепено ги заострува еколошките стандарди во земјоделството. Новите правила поврзани со намалување на емисиите на стакленички гасови (биогасовите од стоката), управувањето со азотните соединенија, заштитата на водите и подобрувањето на условите за одгледување на животните бараат дополнителни инвестиции од фармерите. За голем број мали и средни стопанства тоа претставува сериозен финансиски товар, поради што некои од нив се откажуваат од производството или го намалуваат бројот на животни. Дополнително, реформите во Заедничката земјоделска политика (CAP) сè повеќе ги насочуваат субвенциите кон одржливо производство и климатски цели, што постепено ја менува структурата на европското земјоделство.

Најголеми производители од државите на ЕУ се истите, но производството им е со помал обем

И покрај намалувањето на сточниот фонд, географската распределба на производството не претрпува значителни промени. Шпанија и понатаму останува најголем производител на свињи и овци во Европската Унија, додека Франција располага со најголемиот број говеда. Германија, Данска, Холандија и Франција и натаму имаат значително учество во европското свињарско производство. Но, статистиката покажува дека дури и најсилните земјоделски економии не успеваат целосно да го запрат трендот на намалување на бројот на животни, што дополнително потврдува дека станува збор за процес што ја зафаќа целата Унија.

Предизвици и за земјите надвор од Европската Унија

Трендовите во европското сточарство имаат значење и за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. ЕУ претставува најголем надворешнотрговски партнер за регионот, па секоја промена во европското производство влијае врз движењата на цените, увозот и извозот на месо, млеко и добиточна храна.
Во исто време, процесот покажува дека идните земјоделски политики ќе мора да најдат рамнотежа меѓу економската одржливост на фармите, безбедноста на храната и „исполнувањето на климатските цели“. Намалувањето на сточниот фонд не е само статистички показател туку и сигнал дека европското земјоделство се наоѓа во период на „длабока дефанзива“, во која традиционалното производство постепено се приспособува на новите економски, еколошки и пазарни услови.
Податоците на Евростат укажуваат дека оваа тенденција најверојатно ќе продолжи и во наредните години, што ќе биде еден од најважните предизвици за европската аграрна политика, но и за обезбедувањето конкурентно и одржливо производство на храна во иднина. Е.Р.


Брисел смета дека испуштањето биогасови од добитокот битно влијае врз климатските промени и затоа ги заострува еколошките стандарди

Како да се ограничи биоемисијата на метан произведен од дигестивниот тракт на стоката?

Сточарството е еден од секторите што најсилно се поврзуваат со емисиите на метан и со влијанието врз климатските промени. Поради тоа, ЕУ поставува сè поамбициозни цели за намалување на емисиите на штетни гасови, а дел од тие мерки директно се одразува врз сточарското производство, бидејќи политиките на ЕУ во тој дел тесно се поврзуваат со емисија на биогасови од добитокот, за што Брисел смета дека испуштањето биогасови битно влијае на климатските промени во светот.
Во исто време, европските потрошувачи постепено ги менуваат навиките во исхраната. Во повеќе земји расте интересот за алтернативни извори на протеини, а потрошувачката на дел од видовите црвено месо покажува стагнација или благ пад. Иако месото останува важен дел од европската исхрана, структурата на побарувачката постепено се менува, што дополнително влијае врз производството. Е.Р.


Намалувањето на сточниот фонд во ЕУ ќе се одрази и врз Македонија

Помалку добиток, поскапо месо, намалена понуда, неизвесни цени…

Континуираното намалување на сточниот фонд во Европската Унија не претставува само статистички податок туку и процес што ќе има далекосежни последици врз европскиот, но и врз пазарот на храна и во нашиот регион на Балканот. Иако засега не се очекуваат драматични ценовни шокови, економските аналитичари предупредуваат дека долгорочното намалување на бројот на говеда, свињи и овци постепено ќе ја намалува понудата на месо, особено доколку продолжи растот на производствените трошоци.
Рака на срце, цените на месото не зависат единствено од бројот на животни. На нив влијаат и цените на житарките и добиточната храна, енергентите, транспортот, ветеринарните услуги и меѓународната трговија. Но, кога сите овие фактори ќе се спојат со намалено производство, пазарот станува почувствителен на секое нарушување, било да станува збор за суши, епидемии кај животните или за геополитички кризи.

Македонија не е изолирана од европските трендови

Иако не е членка на ЕУ, Македонија е тесно поврзана со европскиот пазар. Домашното производство на свинско и говедско месо со години не ги задоволува целосно потребите на населението, па значителен дел од месото и месните суровини се обезбедува преку увоз, најчесто од земјите на ЕУ. Тоа значи дека секое намалување на европското производство или пораст на цените директно се пренесува и на домашниот пазар. Доколку европските производители произведуваат помалку, а побарувачката остане стабилна, логично е дел од тој притисок да се почувствува и кај македонските потрошувачи, особено кај свинското и говедското месо. Од друга страна, ваквите околности отвораат можност и за домашните сточари. Доколку успеат да ја зголемат продуктивноста и да произведуваат по конкурентни цени, тие би можеле да обезбедат поголемо присуство на домашниот пазар и постепено да ја намалат зависноста од увоз.

Фото: „Нова Македонија“

Остатокот од светот оди во различна насока од ЕУ

Додека Европа го намалува бројот на добиток во обид да ги исполни климатските цели и да го направи производството поодржливо, глобалната слика по овој основ во светот е многу поинаква. На пример, во Јужна Америка, пред сè во Бразил и Аргентина, сточарството и натаму останува еден од главните извозни сектори, а производството на говедско месо продолжува да расте благодарение на огромните пасишта и ориентацијата кон светските пазари.
Во САД производството се базира на висока технолошка ефикасност, иако и таму фармерите се соочуваат со климатски ризици и високи производствени трошоци. Во Кина продолжува трендот на високи инвестиции во модерни фарми, со цел да се намали зависноста од увоз на месо и да се зајакне сопствената прехранбена безбедност (агросуверенитет). Така, додека Европа свесно го ограничува растот на сточарството поради, во најмала рака, чудни еколошки политики, некои од другите големи производители ја користат можноста да го зголемат своето присуство на глобалниот пазар.

Земјите што произведуваат повеќе сопствена храна се помалку
ранливи на ценовните шокови

Главен предизвик за европската аграрна политика во следната деценија ќе биде пронаоѓањето рамнотежа меѓу заштитата на животната средина и економската одржливост на фармите. Намалувањето на емисиите на стакленички гасови е легитимна и неопходна цел, но истовремено Европа мора да обезбеди доволно домашно производство на храна и стабилни приходи за земјоделците.
За Македонија ова е уште еден потсетник дека развојот на домашното сточарство не е само прашање на земјоделска политика туку и на економска и национална безбедност. Земја што произведува повеќе сопствена храна е помалку ранлива на ценовни шокови, нарушувања на меѓународните пазари и кризи во глобалните синџири на снабдување.
Затоа, намалувањето на сточниот фонд во Европската Унија не треба да се гледа само како европски проблем. Тоа е сигнал дека светското производство на храна влегува во нов период, во кој конкурентноста, одржливоста и прехранбената сигурност ќе мора да одат рака под рака. За земјите како Македонија, тоа претставува и предупредување и можност – предупредување дека зависноста од увоз носи ризици, но и можност домашното производство повторно да стане еден од стратешките столбови на националната економија. E.Р.


Стравот од земјоделците го обликува следниот буџет на ЕУ

Со земјоделците нема играчка

Додека лидерите на Европската Унија прават процени и расправаат за средствата за одбрана, надворешна политика и конкурентност во нивниот следен долгорочен буџет, земјоделските субвенции остануваат речиси недопрени, што е најнов потсетник дека ништо не ги плаши европските влади повеќе од сопствените земјоделци, објавува „Политико“. Особено откако двегодишните протести ги оставија главните градови на ЕУ неподготвени да тестираат дали евентуалното намалување на субвенциите ќе ги обнови демонстрациите.
– Тоа би било политичко самоубиство – рече еден дипломат на ЕУ вклучен во преговорите за буџетот, кој побара анонимност за да ги опише приватните дискусии.
Двајца други дипломати и еден владин службеник ја опишаа истата пресметка на речиси идентичен начин.
На самитот минатата недела, лидерите на ЕУ беа опфатени во жестока дискусија речиси за сите прашања поврзани со вкупната форма од 1,8 билион евра (еден билион е еднаков на илјада милијарди – н.з.) на следниот седумгодишен буџет. Но, едвај расправаа за Заедничката земјоделска политика – програмата на ЕУ за субвенции за земјоделство и една од нејзините најголеми линии за трошење.
– Грција, како и многу други земји, ќе се бори да го зачува јадрото на двата главни европски финансиски инструменти, кои не се ништо друго освен кохезиска политика и заедничка земјоделска политика – изјави премиерот Киријакос Мицотакис пред новинарите на маргините на состанокот.
Додека лидерите ги искажуваа своите несогласувања во врска со целокупниот пакет, германскиот канцелар Фридрих Мерц го нарече предлогот на Европската комисија „неприфатлив и неурамнотежен“, а шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека е „едноставно неприфатлив“ – никој јавно не побара намалување на трошоците за земјоделство.

Земјоделците им прават пресинг на своите влади да бидат поддржани, а не „финансиски и законски репресирани“

Моделот се гледа во нацрт-бројките што веќе се на маса. Според преговорниот текст што го дистрибуираше овој месец Кипар, кој ги водеше разговорите меѓу владите на ЕУ, би било „избоксувано“ за земјоделието да се издвои најмалку 293,7 милијарди евра, за поддршка на приходите на земјоделците, во следните седум години. Дополнителни 40 милијарди евра би можеле да бидат достапни за „други трошоци поврзани со земјоделството“. Владите, исто така, притиснати од земјоделскиот сектор, сакаат најмалку 10 проценти од нивните нови национални инвестициски планови да одат во руралните области, што е широко сфатено како – „пари за фармите“.

Свежо сеќавање на тракторите на Елисејските Полиња, компирите што се фрлаа врз полицијата пред институциите на ЕУ во Брисел и блокадите на автопатиштата од Париз до Варшава…

Причина за ваквата состојба не е безбедноста на храната или руралната виталност, по кои министрите посегнуваат јавно. Тоа е свежото сеќавање на тракторите на Елисејските Полиња, компирите што се фрлаа врз полицијата пред институциите на ЕУ во Брисел и блокадите на автопатиштата од Париз до Варшава. Протестите започнаа на почетокот на 2024 година и кулминираа со масовни демонстрации против договорот за слободна трговија на ЕУ со блокот Меркосур во Јужна Америка минатата зима.
Постои притисок за намалување на поширокиот буџет, предводен од најголемите нето-придонесувачи на Унијата. Мерц сака ЕУ да троши помалку вкупно; Кристерсон инсистира на истата линија; а Данска и Холандија исто така инсистираат на намалувања. Но, додека Мерц имплицираше дека тешките избори на крајот ќе мора да дојдат од земјоделството, а холандскиот премиер Роб Јетен се изјасни слично на претходните самити, двајцата наидоа на малкумина што се согласија. Но прашањето дали притисокот на Берлин за намалувања може да го намали буџетот за земјоделство, полскиот премиер Доналд Туск го отфрли со насмевка.
– Најголемите нето-плаќачи секогаш го изнесуваат истиот аргумент, дека е подобро да се намали буџетот на ЕУ. Но таа линија на размислување едноставно нема оправдување – кажа Туск, додавајќи дека „јасно мнозинство“ од владите ја поддржува заштитата на земјоделските и регионалните трошоци!
Сепак, министрите за земјоделство засега велат дека сѐ уште нема причина земјоделците да слават победа. На пример, Французинката Ани Женавард им рече на колегите министри во Луксембург дека правилно финансираната заедничка земјоделска политика е „предуслов“ Франција да го прифати поширокиот буџетски пакет. Словенечкиот министер Јанез Циглер Краљ рече дека ќе продолжи, во името на земјоделците, да се бори заедно со колегите за што е можно повеќе пари. Ирскиот министер за земјоделство Мартин Хејдон, чија земја вчера ја презеде функцијата претседавач со преговорите на владата на ЕУ и треба да посредува во постигнувањето договор, ги повика колегите, министри за земјоделство, во името на земјоделците, да се соберат во Луксембург и да го вратат случајот за заштита на земјоделските пари во престолнините во ЕУ. Е.Р.


Од наш агол

Добитокот под лупа на Брисел, затоа што емитува прекумерно количество биогасови

Шталата како нов фронт на европската политика

Додека Европа се соочува со економска неизвесност, растечки трошоци за живот, безбедносни предизвици и сè посилна глобална конкуренција, во бриселските ходници, изгледа, е пронајден новиот непријател на климата и на човековата цивилизација – добитокот. И не само добитокот туку и работата на дигестивниот тракт на добитокот и емисиите на биогасови, односно стакленички гасови.
Владата на Европа (Европската комисија – ЕК) со сериозност достојна за историски самит ја насочува својата енергија кон намалување на емисиите на метан од добитокот. Ако се суди според ентузијазмот на европската бирократија, човек би помислил дека иднината на континентот зависи од тоа колку успешно ќе се регулира сточарството со, однапред извинување за употребениот израз, „прдење“.
Во меѓувреме, европските фармери добиваат уште една тура прописи, стандарди, формулари и инвестиции што треба да ги платат од сопствениот џеб. Бидејќи, очигледно, нема поважна задача од тоа да се води административна војна против метанот. Никој не спори дека заштитата на животната средина е важна.

Но кога политиката ќе почне да личи на натпревар во барање сè понеобични цели за регулирање, сосема е легитимно да се постави прашањето дали некаде е изгубено чувството за приоритет. Додека европските производители се борат со поскапени суровини, недостиг од работна сила и нелојална конкуренција од увоз, Брисел како да им порачува: прво решете го проблемот со добитокот, па потоа ќе зборуваме за храната. Иронијата е уште поголема ако се знае дека истите тие земјоделци со години се повикуваат да произведуваат повеќе, поквалитетно и поодржливо. А секоја нова политика на Брисел (дури и надворешна и безбедносна, на пример водењето војна), плус секоја нова регулатива од областа на земјоделството, значи нов трошок, нова инвестиција и уште еден товар за секторот што веќе одамна работи на работ на исплатливоста. Во еден момент човек почнува да се прашува „дали европските институции навистина ја гледаат шумата од дрвјата“?! Или, во овој случај, дали поради метанот веќе не ја гледаат фармата.
Големите стратегии звучат убаво на конференции и во климатизирани сали. Но реалноста на теренот е сосема поинаква. Таму не се живее од декларации, туку од произведено млеко, месо и жито. Можеби е време некој во Брисел да се потсети дека Европа не може да биде зелена ако престане да биде продуктивна. Дека одржливоста не се гради само со нови забрани туку и со економска логика. И дека земјоделците не се статистички податок во климатски извештај, туку луѓе што ја хранат Европа. Во спротивно, ризикуваме Унијата да стане светски шампион во пишување регулативи за метан, а увозен шампион кога станува збор за храна. Тоа навистина би било историски успех – Европа да ја спаси планетата на хартија, додека нејзините фарми полека ги затвораат шталите. Р.Н.М.