Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во понеделник, на 21 септември, ќе ги претстави следните активности за заштита, сертификација и промоција на македонскиот рубин.
На настанот ќе бидат соопштени досегашните резултати и конкретните чекори што треба да доведат до воспоставување систем за гарантирање на потеклото, квалитетот и препознатливоста на македонскиот рубин.
Предвидено е утврдување и документирање на потеклото, воведување сертификати и јасни стандарди, како и формирање регистар на овластени производители и обработувачи. Посебен акцент ќе биде ставен врз создавањето механизми за автентична промоција на рубинот во земјава и во странство.
Од Министерството посочуваат дека јавноста ќе биде информирана што е досега направено, кои активности следуваат и како ќе се спроведува целиот процес во наредниот период.
На настанот ќе присуствуваат министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, членовите на новоформираната Комисија за македонскиот рубин, како и претставници на Геолошкиот завод, Државниот завод за индустриска сопственост и на другите институции вклучени во процесот.
Божиновска во јуни соопшти дека македонскиот рубин официјално е заштитен како национален полускапоцен камен. Процесот за негова институционална заштита почна во септември 2025 година.
Македонскиот рубин претставува корунд со карактеристична малиново-розова боја, која потекнува од присуството на хром во неговата кристална структура. Наоѓалиштата се во околината на Прилеп и на планините во Мариово.
Според Министерството, станува збор за единствениот рубин во Европа што природно се вади и се обработува, поради што се настојува да добие поголема меѓународна препознатливост и соодветна економска вредност.
Покрај естетската и колекционерската вредност, надлежните го претставуваат македонскиот рубин и како дел од природното и културното наследство на земјата.

































