Европа пред ново преуредување
- Предлогот за ограничување на ветото на идните членки ја отвора дилемата дали ЕУ се подготвува за рамноправно проширување или за Унија во која новите држави ќе имаат помала политичка тежина
Европската комисија на 30 септември треба да ги претстави плановите за внатрешна реорганизација на Европската Унија, со кои Брисел се обидува да го подготви европското семејство за идно функционирање со поголем број членки. Документот, според информациите објавени од берлинскиот портал „Тејбил медија“, предвидува промени во начинот на кој би функционирале институциите и земјите што допрва треба да станат дел од Унијата.
Нацртот за реформа на процесот на проширување, подготвен од еврокомесарката за проширување Марта Кос, отвора и едно особено чувствително прашање: Дали новопримените држави би требало да имаат исти права како другите членки веднаш по приемот? Еден од предлозите е тие во одреден период да немаат можност да ставаат вето на одлуките за кои е потребен консензус. За државите што би назадувале во владеењето на правото се разгледуваат и дополнителни заштитни механизми.
Членство во фуснота?
На прв поглед, логиката на Брисел изгледа разбирлива и е во насока на плановите што подолго време се коваат низ европските лавиринти за да се избегнат блокади на европските политики. Имено, Европската Унија со 27 членки често тешко постигнува согласност, а со приемот на нови држави од Западен Балкан, Украина, Молдавија и други кандидати, одлучувањето би можело да стане уште покомплицирано. Ако секоја земја може да го блокира целиот систем, тогаш една национална влада би можела да ја држи целата Унија во заложништво, на што сведочевме изминативе години.
Но, од друга страна, токму тука почнува неизвесноста. Досега европската порака беше јасна: исполнете ги условите, спроведете ги реформите и станете полноправна членка. Сега, меѓутоа, се појавува можност земјите што ќе ги исполнат условите за прием да влезат во Унијата со ограничено право на политичко влијание, без оглед на тоа што направиле сè што се барало од нив.
Клучната дилема што се наметнува со оваа нова внатрешна реорганизација е дали тоа значи дека Брисел сака да го отстрани ветото како инструмент за блокирање или само сака да го ограничи неговото користење од страна на новите членки. Ако ветото е проблем за функционирањето на Унијата, зошто ограничувањето би се однесувало само на оние што допрва ќе пристигнат, кога се покажа дека старите членки и оние не толку стари го користат ветото единствено како алатка за задоволување на сопствените интереси.
Европската Унија може и веројатно ова ќе го нарече преодна мерка. Но за земјите кандидатки преодноста не е доволна гаранција, бидејќи се покажа дека ЕУ често не си стои на зборот. Кога една држава еднаш ќе влезе во европското семејство, таа очекува нејзиниот глас да има иста тежина како гласот на секоја друга членка. Во спротивно се создава впечаток дека постојат првокласни и второкласни членки, единствено ако намерата не е официјализирање на Европа во повеќе брзини или лиги.
Македонија пред нова европска дилема
За Македонија ова не е само институционално прашање туку и прашање на политичка доверба. Земјата со години го следи европскиот пат, исполнува услови, спроведува реформи и прави политички отстапки, а сепак останува пред затворена врата. Сега, кога се зборува за нови модели на проширување, се отвора и непријатното прашање што всушност би добила Македонија со вакво членство.
Дали по сите досегашни жртви би влегла како рамноправна држава или како нова членка што допрва треба да го „заработи“ целосниот политички статус? Прашање е и дали граѓаните би прифатиле да ги преземат сите обврски од членството, а одреден период да немаат можност да влијаат врз одлуки што директно би ги засегале нивните интереси?
Ова е особено важно ако се има предвид дека ветото веќе се покажа како моќно политичко оружје во европскиот процес на проширување. Македонија добро знае што значи кога една земја членка може да го закочи напредокот на друга земја поради билатерални прашања. Затоа, секоја промена на правилата за одлучување неизбежно се гледа и низ искуството на долгогодишните блокади.
Ако новите членки немаат право на вето, а старите го задржат, тогаш се создава нерамнотежа што тешко може да се објасни со европската идеја за еднаквост. Една мала држава би можела да биде обврзана да ги почитува одлуките на Унијата, но да нема целосна можност да влијае врз нивното донесување.
Тогаш прашањето повеќе нема да биде само кога Македонија ќе влезе во ЕУ, туку и во каква ЕУ ќе влезе.
Брисел стравува од нефункционална Унија
Поголем број членки значи повеќе интереси, повеќе национални приоритети и повеќе можности за блокади. Но решението не би требало да биде создавање систем во кој новите членки ќе имаат помала политичка тежина од старите.
Ако целта е навистина да се отстрани ветото како пречка за одлучувањето, тогаш реформата би требало да се однесува на сите членки, а не само на оние што допрва треба да се приклучат. Во спротивно, ограничувањето може да се протолкува како обид за дополнителна концентрација на моќта кај најголемите и највлијателните држави.
Особено внимателно треба да се разгледаат и најавените механизми за државите што би назадувале во владеењето на правото. Никој не може да спори дека членките мора да ги почитуваат европските стандарди. Но кој ќе одлучува кога една држава навистина назадува, а кога нејзината влада едноставно има поинаков политички став од мнозинството во Брисел?
Доколку механизмите за ограничување на средствата или политичките права се применуваат селективно, тие може да се претворат во инструмент за дисциплинирање на помалите членки. Наместо европска интеграција, би се создала Унија со јасна вертикала на моќта: големите одлучуваат, а новите се приспособуваат.
Затоа, најважната дилема не е дали ЕУ треба да се реформира. Таа несомнено мора да најде начин да функционира со повеќе членки. Прашањето е дали реформата ќе биде насочена кон создавање поефикасна и поправедна Унија или кон обезбедување поголема контрола врз новите држави.
За Македонија, која сè уште чека вистински почеток на преговорите, ова е предупредување дека европскиот пат можеби не завршува со приемот. Напротив, можно е токму тогаш да започне нова фаза на докажување, овој пат не за влез во Унијата, туку за целосно уживање на правата што ги имаат другите. Европската Унија со реформата можеби сака да ги отвори вратите за нови членки од Балканот, што е навистина тешко за верување со појавата на Канада како опција. Но, сепак, останува прашањето дали тие ќе влезат како рамноправни партнери или како држави со ограничена политичка моќ.































