Фото: Пиксабеј

Повеќе од 2.800 сончеви часа годишно, улици создадени за пешачење и многу зелени површини – нова анализа открива кој град најмногу го крева духот кај туристите, а резултатот изненадува многумина. Кога станува збор за патување, среќата не се мери само според бројот на знаменитости. Нова анализа покажува дека постојат градови каде што насмевката речиси е загарантирана, а еден европски главен град изненадувачки се најде на врвот на листата.
Лисабон е прогласен за најсреќна туристичка дестинација во светот, според истражувањето на агенцијата „Букритритс“, специјализирана за организирање велнес-патувања. Португалската престолнина го освои првото место благодарение на комбинација од фактори што директно влијаат на расположението на посетителите – повеќе од 2.800 сончеви часа годишно, голем број зелени површини и голем избор на ресторани со здрава храна.
– Прошетката е уште еден двигател на доброто расположение на Лисабон – се вели во анализата.
Авторите истакнуваат дека градот е компактен и лесен за движење пеш, а панорамските видиковци ги наградуваат сите што ќе одлучат да го истражуваат со побавно темпо. Истражувањето се базираше на серија таканаречени индикатори за „добро чувство“ – количеството сончева светлина во текот на годината, погодноста за пешачење по улиците, количеството јавни зелени површини по жител, перцепцијата за бучава и светлосно загадување и бројот на ресторани што нудат здрава храна. Веднаш зад Лисабон на второто место се најде финскиот Хелсинки, кој освои најмногу поени за ниското ниво на бучава и светлосно загадување. Тоа не е изненадувачки, со оглед на тоа што Финска е прогласувана за најсреќна земја во светот осум години по ред, главно благодарение на нејзините граѓани, кои масовно се вклучуваат во волонтирање, донирање и помагање на другите. Третото место му припадна на Орландо, Флорида, познат како главен град на тематските паркови во светот. Градот каде што се наоѓаат „Дизниленд“ и „Универзал Орландо ризорт“, исто така, се покажа како еден од најзелените на целата листа, со повеќе од 2.000 квадратни метри зелена површина по жител – најмногу од која било анализирана дестинација.
Првите пет рангирања ги заокружија Атина и Единбург, градови познати по нивната пешачка погодност, богата култура и историја.