Секој млад човек треба да има простор да го покаже својот талент и креативност, а компаниите, институциите и образовните установи можат заеднички да придонесат кон создавање поинклузивно општество, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на денешниот настан „Partnerships for Inclusion: Turning ESG Commitments into Action“.
Настанот беше посветен на втората фаза од проектот „EVN4Environment“ на ЕВН Македонија, реализиран во партнерство со „Раде Кончар ТЕП“. Во проектот учествуваа 10 училишта и повеќе од 100 ученици, кои преку едукативни и креативни работилници создаваа пораки и идеи поврзани со заштитата на животната средина.
Нивните креативни решенија потоа беа преточени во дизајни за електроенергетски ормани поставени во јавниот простор.
На настанот, ученици ги претставија своите решенија, а двајца од нив лично учествуваа во сликањето на електроенергетските ормани, со што нивните идеи од училишните работилници добија практична примена.
Божиновска истакна дека значењето на проектот не е само во изгледот на орманите, туку и во можноста младите да добијат простор за изразување и активно учество во заедницата.
– Зад секој цртеж има млад човек со талент, со идеја и со желба да биде дел од општеството. Кога една компанија како ЕВН ќе ја препознае таа креативност и ќе ѝ даде простор да стане видлива, ние всушност им даваме нешто многу поважно – надеж и чувство дека не се заборавени, дека не се исклучени и дека и за нив има место да создаваат, да придонесуваат и да ја покажат својата креативност – порача министерката.
Таа упати благодарност до тимот на „Раде Кончар ТЕП“ за вклучувањето во иницијативата, посочувајќи дека компаниите можат да имаат поширока општествена улога од нивната основна дејност.
– Токму преку вакви партнерства инклузијата станува реална, видлива и одржлива. Токму такви иницијативи треба да поддржуваме и да ги има сè повеќе – рече Божиновска.
Министерката нагласи дека енергетскиот сектор, покрај обезбедувањето сигурна и стабилна енергија, може да биде активен партнер во создавањето поинклузивно општество.
– Кога компаниите, институциите и образовните установи работат заедно, можеме да создадеме промени кои се чувствуваат директно во животот на луѓето. Секоја инвестиција во младите, во инклузијата и во еднаквите можности е инвестиција во иднината на нашето општество – истакна таа.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како што беше посочено, ги поддржува иницијативите што ги поврзуваат енергетиката, заштитата на животната средина, образованието, инклузијата и општествената одговорност.
Од Министерството наведуваат дека ќе продолжат да поддржуваат проекти што носат конкретна корист за граѓаните и создаваат повеќе можности за младите, особено за оние на кои им е потребна дополнителна поддршка за да го реализираат својот потенцијал.





































