На трасата на автопатот Охрид-Кичево кај Ботун во тек се работи на стабилизација на косините, со специјално техничко решение за совладување на нестабилното земјиште. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, денеска извршија увид во градежните активности.
Николоски посочи дека токму овој дел од трасата е еден од најсложените за изградба поради природните карактеристики на теренот. Како што објасни, земјиштето е составено од нестабилна графитна почва, а дополнителен проблем претставува и присуството на големи количества вода.
– Околу вас можете да видите дека се работи за црна графитна земја, која е најнестабилна земја што воопшто може да се најде. Тука дополнително има многу вода, а кога водата ќе се спои со графитот, тогаш настанува една каша и нема никаква стабилизација. Тоа е причината зошто овој дел околу селото Ботун до сега беше невозможно – изјави Николоски.
За изнаоѓање решение биле ангажирани домашни професори, експерти и научници, во соработка со странски експерти и кинеската компанија „Синохидро“.
Според Николоски, стабилизацијата се реализира со специјална техника која вклучува изградба на масивни подземни конструкции. На теренот се користат машини со тежина од околу 130 тони, кои навлегуваат во земјата на длабочина од 20 до 28 метри.
– Се влегува во земјата од 7 до 11 ката надолу, се спуштаат арматурни кафези, секој арматурен кафез тежи по 30 тони железо и тие потоа се полеваат со бетон. Помеѓу нив има цевки и челични јажиња, кои ги држат едните со другите и практично под земјата создаваме една целосна структура која треба да ја држи основата на автопатот – објасни министерот.
Во моментов на теренот работат три вакви машини, а се очекува да бидат ангажирани уште две. Според најавите, вакви решенија ќе бидат применети на вкупно 250 локации долж автопатот Охрид-Кичево, од кои 163 се кај Ботун. Останатите ќе бидат распоредени на други критични делови од трасата, меѓу кои и кај Кнежино, во близина на Кичево.
Николоски оцени дека станува збор за исклучително сложено инженерско решение и посочи дека неговата примена привлекува внимание и кај стручната јавност во регионот.
– Ова е убедливо инженерски најтешкиот дел и ова е делот што претставува новина не само во Македонија, туку и во целиот регион, нешто за што ќе се предава на факултетите – рече Николоски.
Тој додаде дека токму ова решение било презентирано и пред учесниците на меѓународен симпозиум на градежни научници што се одржува во Скопје.
Со стабилизацијата на овој дел, како што посочи министерот, се создаваат услови за продолжување на изградбата на најсложениот сегмент од автопатот Охрид-Кичево.










































