Фото: ЕПА

Украина и Русија повторно разменија тела на загинати војници, соопштија властите во двете земји, пренесе ДПА.

Украинскиот Координативен штаб за третман на воени заробеници соопшти дека Киев примил 252 тела на украински граѓани, меѓу кои и припадници на вооружените сили.

Во рамки на размената, на руската страна ѝ биле предадени останките на 23 руски војници, според извештаите на локалните медиуми.

Размената била реализирана со посредство на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, а локацијата на која било извршено предавањето не е соопштена, наведува германската агенција.

Украина и Русија редовно разменуваат тела на војници загинати во војната. Според податоците наведени од ДПА, од почетокот на 2025 година Украина примила повеќе од 21.000 тела, додека Русија примила повеќе од 700.

Разликата во бројките, според ДПА, делумно се поврзува со напредувањето на руските сили на фронтот, поради што украинските единици во одредени случаи не се во можност да ги извлечат телата на загинатите при повлекување. Во последниот период, сепак, бројот на тела што Москва ѝ ги предава на Киев се намалил.

Точниот број на воените жртви од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година, останува класифициран.

Двете страни внимателно ги чуваат податоците за своите воени загуби. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јули бројот на загинати украински војници го процени на околу 50.000, додека проценките засновани врз јавно објавени известувања за смртни случаи укажуваат на значително поголем број.

На руската страна, според проценките цитирани од ДПА, бројот на загинати војници се проценува на повеќе од 350.000.