Сопственикот на кабарето „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, не ја покажал лиценцата за работа при полициска контрола во 2023 година, а пристапот до објектот бил отежнат поради големиот број паркирани возила. Ова денеска го изјави самостојната инспекторка при Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова, која сведочеше на судењето против деветтемина полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“, пренесе МИА.
Симеонова, која беше директно испитувана од Обвинителството, во МВР е вработена од 2001 година. Во текот на 2022 и 2023 година работела како инспектор за странци, при што извршувала и канцелариски и теренски задачи.
Таа објасни дека инспекторите за странци самостојно постапуваат кога контролите се вршат согласно Законот за странци, додека при спроведување оперативни планови се организираат заеднички акции со други служби и инспекторати.
– Кога работиме по оперативни планови, анекс-планови од МВР-БЈБ, тоа значи дека имаме заеднички акции со останатите инспекторати, со колеги од МВР, со Пазарна инспекција, Труд и социјала и други потребни инспектори – посочи Симеонова.
Според неа, контролите во општина Кочани главно биле насочени кон угостителски објекти, хотели, мотели, ноќевалишта и апартмани, со цел откривање нерегуларен и незаконит престој на странски државјани.
Симеонова потврди дека во периодот од 2022 до 2023 година во „Пулс“ биле извршени повеќе контроли, секогаш во рамки на нејзината надлежност. По секоја контрола бил составуван извештај, кој бил доставуван до Регионалниот центар за гранични работи Исток.
Контролите најчесто се одвивале во ноќните часови – првично од 22 до 03 часот, а подоцна од 23 до 04 часот.
Во сведочењето Симеонова се осврна и на начинот на кој се евидентирале утврдените неправилности. Таа посочи дека секој оперативен план имал одговорно лице кое по завршувањето на акцијата требало да изготви извештај и да го достави до дежурната служба, односно до Полициската станица во Кочани.
На прашањето за пристапот до кабарето и состојбата со паркираните возила околу објектот, инспекторката го опиша просторот како сообраќајно хаотичен.
– Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот којшто се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила – сведочеше Симеонова.
Таа детално го опиша и настанот кога при една од контролите била побарана лиценцата за работа на „Пулс“.
Според нејзиното сведочење, лиценцата била побарана од колегата Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план, но Јованов не ја покажал ниту ја дал на увид.
– На барање на колегата Златко Кузмановски, кој беше одговорен за акцискиот план, во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид – рече Симеонова.
Како што посочи таа, Јованов објаснил дека е доцна да го побара книговодителот бидејќи не се наоѓал во просториите на дискотеката и рекол дека лиценцата ќе ја донесе во понеделник.
Симеонова во сведочењето додаде дека сопственикот тогаш тврдел оти документите за обновување на лиценцата ги поднел во Скопје 15 дена претходно, како и дека лиценцата имала важност до 31 март 2023 година.
Според неа, ова било внесено во извештајот од контролата.
Судскиот процес против деветтемина полициски службеници продолжува со сослушување сведоци и изведување на материјалните докази предложени од Обвинителството.
































