Фото: ЕПА

Националната стратегија за вештачка интелигенција се очекува да биде донесена до крајот на годинава, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Како дел од активностите предвидени со стратегијата се разгледува и донесување закон со кој ќе се уреди употребата на вештачката интелигенција.

Во Министерството за дигитална трансформација утре ќе се одржи состанок на работната група. По состанокот, драфт-верзијата на документот ќе биде објавена на ЕНЕР, по што ќе следуваат неколку јавни дебати.

 – Очекувам дека до крајот на годината ќе ја донесеме. Една од активностите на стратегијата размислуваме да биде донесување закон за употреба на вештачката интелигенција – изјави Андоновски.

Тој појасни дека целта не е да се регулира производството или создавањето на вештачка интелигенција, туку начинот на кој таа се користи.

 – Повеќе на правилното, етичко и принципиелно користење за доброто на вештачката интелигенција – рече министерот.

Андоновски информираше и за активностите поврзани со изградбата на националниот дата-центар. Според него, веќе се водат разговори со потенцијални финансиери на проектот, додека со Министерството за транспорт се разгледува потребната процедура за користење на локацијата кај Бунарџик.

Планирано е дата-центарот да биде изграден во близина на Скопје, во непосредна близина на една од индустриските развојни зони. Станува збор за државно земјиште кое во моментов не се користи за земјоделски или други намени.

 – Во близина веќе се изградени фотонапонски централи. Планираме и ние во втора фаза, покрај дата-центарот, да изградиме и фотонапонска централа, со која од 30 до 40 проценти од потрошувачката на електрична енергија ќе ја искористиме од фотонапонската централа – изјави Андоновски.