Дебата на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“
„Иднината што не знаеме да ја замислиме“ беше тема на тркалезната маса што се одржа во рамките на 14. издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Инспиративни визии за иднината и реални погледи на сегашноста претставија лауреатот на „Прозарт 2026“, современиот српски писател Драган Великиќ, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, Зиновија Василејади од Грција, училиштен психолог и авторка на детска литература, српската писателка Христина Радовиќ-Андриќ, Мајк Дауни, ирско-британски автор и продуцент, македонскиот писател Блаже Миневски, албанската писателка Дијана Чули и писателот и сценарист Николај Терзијски од Бугарија.
Панелот традиционално го отвори Дејан Трајкоски, основач на фестивалот. Тој во уводниот дел направи споредба на зададената тема со два филма: „Сталкер“ на Андреј Тарковски и „Седмиот печат“ на Ингмар Бергман. Трајкоски ја опиша Зоната во „Сталкер“ како метафора за непознатото (иднината), а Собата е местото каде што се исполнуваат најдлабоките желби.
– Великаните како Орвел, Замјатин, Хаксли пишуваа за иднината со тоа што импрегнираа делови од нивната сегашност – репресивните механизми, општества и сл. Како денешниот писател ќе ја опишува иднината, освен како постапокалиптична, дали ќе влезе во Собата и каков ќе излезе – рече Трајкоски, отворајќи простор за широка дебата.
На него се надоврза Владимир Јанковски, наградуван писател, кој со години соработува со фестивалот и ги модерира тркалезните маси.
– Има прекрасни живописни примери уште во зачетокот на европската цивилизација и литература. Двата епа на Хомер, „Илијада“ и „Одисеја“, ги читаме од времето во кое се создадени, а реферираат на настани што се случиле 400 години порано. Ги читаме како епови со автентичен епски глас, а се случиле многу порано. Дури и кога реферира на далечно минато, литературата се обидувала да го легитимизира сопственото време. Колку писателите може да излезат од чевлите на сопственото време – рече Јанковски.
На прашањето како лауреатот Великиќ ја замислува книжевната сцена во 2060/2070 година, што го загрижува, а што го охрабрува, тој се пошегува дека не е пророк за да го знае одговорот.
– Треба да е добра литература. Толку е едноставно. Иво Андриќ зборуваше дека треба да поминат 50 години за да се види дали литературата е добра. Има многу заборавени генијални дела. Но тоа што е добро не е изгубено, кога-тогаш ќе излезе на виделина. Некогаш требало да поминат 100, 200 години за да се случи промена – рече Великиќ.
Во време на кратки форми на дигитални уреди, вниманието на човекот е ограничено на само седум-осум секунди. Што се случува со читањето како бавен и комплексен чин? Габриела Бабник Уатара тргна од сопствениот пример. Кога чита, на 15 минути ја остава книгата и го зема телефонот в раце. Таа се фокусира исклучиво кога пишува.
Христина Радовиќ-Андриќ се осврна на технолошкиот напредок и употребата на вештачката интелигенција, децидна дека ВИ-платформите не можат да создадат литература каква што создава авторот.
– ВИ никогаш нема да може софистицирано да ја опише топлината на прегратката. Многу е важно децата да растат со физички книги – рече Радовиќ-Андриќ.
Мајк Дауни целосно се согласува со неа во однос на прашањата поврзани со литературата и ВИ.
– Одбивам да користам ВИ во пишувањето, зашто тоа е длабок процес на учење и разбирање на нештата – рече Дауни.
Блаже Миневски се обидува да ја игнорира „таа опасна госпоѓа ВИ“. Тоа го прави по сопствен избор, сè уште пишува на рака, ретко користи компјутер.
– Тоа ќе го оставам за следните генерации. Не треба да се плашиме, ако се плашеше Гутенберг, немаше да имаме печат, ако немаше дигитални алатки немаше да има електронски изданија – вели Миневски.
Според Дијана Чули, литературата не може да ја предвиди иднината, но може да влијае на неа.
– Пишуваш во минатото, но правиш нешто за иднината. Живееме на дистописки начин и, како што вели Умберто Еко, ако прочиташ една книга ќе знаеш дека постои еден живот, но ако прочиташ 60 книги, ќе откриеш 60 света. Живееме во време кога дури и зборовите имаат неверојатна моќ – рече Чули. С.Ј.































