Состојбата на Унијата во времето на нејзиното сѐ подинамично политичко прегрупирање
- Наместо демонстрација на сила, реториката на Фон дер Лајен откри длабока паника кај отуѓената технократија. Свесни за бранот суверенизам што ја зафаќа Европа, бриселските елити веќе не нудат визија, туку грчевито се подготвуваат за неизбежен политички исчекор во историјата
Обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за состојбата на Унијата дојде во необично време за Европа. Имено, таа призна дека Унијата се наоѓа во најнесигурна положба досега, без да образложи конкретно на што точно мисли. Во својот долг говор, нешто над 70 минути, Фон дер Лајен зборуваше за тоа „Европа сама да одлучува за својата судбина, за стратегиската автономија, за енергетската независност, за сопствената индустрија и за способноста“… Но она што веднаш паѓа в очи е дека зад големите зборови се гледа и една друга Европа, Европа што е исплашена и која се обидува да се консолидира додека политичките темели врз кои долго време почиваше стануваат сè понестабилни.
Брисел сака да гради тврдина со шупливи блокови
Највпечатливиот дел од говорот беше оној во кој Фон дер Лајен најави изградба на нова европска безбедносна архитектура. Европски совет за безбедност, европски механизам сличен на членот 4 од НАТО, сопствени капацитети за одбрана и европска индустрија што треба да биде способна „да произведува и да се брани“ (?!).
Пораката беше повеќе од јасна, дека Европа повеќе не сака својата безбедност целосно да ја темели на туѓи капацитети, туку да се потпре исклучиво врз сопствените сили.
Тоа е веројатно најважната реченица од целиот говор, како обид да се испрати порака кон Вашингтон, но и кон Москва, Пекинг и кон сите оние сили од кои Брисел стравува за својата „историска“ позиција.
– Парадоксално е некој да посакува да биде играч на геополитичката сцена, а да не може да се профилира како таков ниту меѓу оние што ги смета за дел од својата сфера на влијание – велат нашите соговорници.
Тие додаваат дека наместо голема визија за својата иднина, либерален Брисел се коцка со европските вредности и става како услови за членство елементи што ни во најлошиот кошмар не може да бидат предмет на преговори за членство.
– И тоа не е случај само за Македонија. Тоа покажува дека Европа реално е исплашена од процесите што ѝ се случуваат внатре бидејќи либералните темели еден по еден почнуваат да се уриваат, а европските граѓани бараат една поинаква Европа, во која суверенистичкиот пристап нема да се сфаќа како опструкција на некои европски политики за кои Европејците не дале согласност, туку како натпревар на различни идеи што ќе водат кон една нова, демократска и прогресивна Европа – велат нашите соговорници, универзитетски професори со големо искуство за прашања што се однесуваат на Европа од почетоците на интегрирањето до денес.
Париз и Берлин под притисок
Оваа промена за која говори Фон дер Лајен не може да се гледа одвоено од политичката состојба во двете највлијателни европски престолнини. Во Германија, Фридрих Мерц се соочува со сериозен политички притисок по изборните неуспеси на неговата партија и растот на АфД. Во септемвриското истражување на „АРД-Дојчланд тренд“, само 13 отсто од испитаниците биле задоволни од работата на Мерц, додека 83 отсто изразиле незадоволство или големо незадоволство. Поразот на ЦДУ во Саксонија-Анхалт дополнително ги засили шпекулациите за неговата политичка иднина.
Натаму, ниту во Франција сликата не е многу поудобна за Емануел Макрон. Според септемвриското истражување на „Елаб“, само 20 отсто од Французите имаат доверба во претседателот дека може ефикасно да се справи со проблемите на земјата. Во истражувањето на „Ипсос“, неговата позитивна оценка падна на само 16 отсто.
– Рака на срце, сето горенаведено не значи дека европскиот политички центар ќе исчезне прекуноќ, ами значи дека политичките елити што долго време ја носеа главната тежина на европскиот проект веќе не можат да сметаат на истата политичка сигурност. А токму во таква атмосфера, губејќи го тлото под нозете, либералните бриселски елити инсистираат на поголема централизација, поголема безбедност и посилен европски капацитет, немајќи што друго реално да понуди – велат нашите соговорници, брифирајќи за промените што се подготвуваат во ЕУ, но во кои земјите кандидати од Западен Балкан се ставени во втор план.
Говорот на Фон дер Лајен беше класичен манифест на дефанзива
и политички страв
Слушајќи ја претседателката на ЕК, неминовно се наметнува дилемата: ако Европа е преокупирана со сопствената безбедност, индустрија, енергетика, миграција, климатските промени, вештачката интелигенција и односите со Кина и САД, колку политички капитал останува за проширувањето? И дали проширувањето воопшто е приоритет или станува инструмент што ќе се активира кога ќе ѝ одговара на новата европска геополитичка архитектура?
– Фактот што Канада во говорот доби историско место говори за нешто сосема друго. Фон дер Лајен најави отворање на вратата за Канада да стане прва придружна членка на ЕУ. Тоа значи дека Европа во овој момент повеќе размислува како да се заштити, консолидира и престрои отколку како да прими нови членки. Говорот на Урсула фон дер Лајен не беше демонстрација на моќ и визија, туку класичен манифест на дефанзива и политички страв. Наместо силни пораки за идно лидерство, од нејзината реторика јасно се читаше длабоката нервоза на актуелните европски елити пред бранот суверенизам што сѐ посилно ја зафаќа Европа. Ова не беше говор на лидер што ја води Унијата кон нова ера, туку очајнички обид за зачувување на застареното глобалистичко статус кво – сметаат некои од европските аналитичари.
Според нив, целиот нејзин говор за состојбата во Унијата звучи како психолошка подготовка за заминување на една бирократска гарнитура, која е целосно одделена од реалноста на сопствените граѓани.
– Брисел сè потешко ги крие знаците на паника од претстојните политички престројувања во земјите членки. Се добива впечаток дека самата Европска Унија веќе се подготвува за судирот со новата политичка реалност, во која актуелните елити повеќе немаат монопол врз одлучувањето. Наместо да понуди решенија за економскиот пад, деиндустријализацијата и нарушениот суверенитет на државите, Фон дер Лајен понуди само дополнителна централизација и празна реторика. Но Брисел заборава дека легитимитетот не се одржува со бирократски декрети кога довербата кај народот е целосно изгубена. По пораките што ги испрати, повеќе од јасно е дека бриселската технократија сфаќа дека нејзиното време истекува – истакнуваат аналитичарите.
Тие додаваат дека европските народи сè повеќе го отфрлаат патот на прекумерна регулација и губење на националниот идентитет.
– Она што денес го гледаме во Брисел е почеток на крајот за една генерација политичари што ја доведоа Унијата до системска криза, а нивниот страв од промени е најдобриот доказ дека промените се веќе неизбежни – заклучуваат некои од европските аналитичари.































