Фото: Принтскрин

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги оцени како „катастрофа“ изборните резултати на неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во покраината Мекленбург-Западна Померанија, но ја отфрли можноста за оставка и најави дека ќе продолжи со спроведувањето на реформите, јави ДПА.

Мерц ѝ се обрати на јавноста од седиштето на ЦДУ во Берлин, каде што ги покани раководството на партијата и сите осум покраински премиери од редовите на конзервативците.

– Тоа што ѝ е потребно на земјата сега бара доследност, упорност и трпение. Ќе обезбедам продолжување на реформите како претседател на ЦДУ и како канцелар- изјави Мерц веднаш по објавувањето на проекциите од денешните избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија, кои медиумите ги опишаа како уште еден клучен тест за неговото владеење.

Историски дебакл во Мекленбург-Западна Померанија и подем на АфД

Според првите резултати, во Мекленбург-Западна Померанија крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) освои 37,6% од гласовите, тесно победувајќи ја Социјалдемократската партија (СПД) која освои 35,6%.

ЦДУ на Мерц забележа историски најлош резултат во една германска сојузна покраина, освојувајќи од 5 до 5,5 проценти — со што едвај го помина изборниот праг од 5% за влез во парламентот. Левицата (Die Linke) освои 7,4%, Зелените 5,5%, а Алијансата Сахра Вагенкнехт (BSW) 5%.

Ова е втора победа за АфД за само две недели, по убедливиот триумф во Саксонија-Анхалт каде што десничарите освоија речиси 44%, а поддршката за ЦДУ падна на 17%.

Копретседателката на АфД, Алис Вајдел, го повика Мерц да „извлече заклучоци“ за себе и за Германија, порачувајќи дека нејзината партија има „мандат да владее“ и барајќи од ЦДУ да го сруши заштитниот ѕид против соработка со крајната десница. Вториот копретседател, Тино Хрупала, го опиша исходот како „сензационален резултат“. Сепак, малку е веројатно АфД да формира власт поради одбивањето на останатите партии за коалицирање.

Победа на Левицата во Берлин

Во главниот град Берлин, најмногу гласови освои Левицата (Die Linke) со 24,8%. ЦДУ се пласираше на второто место со 20%, што Мерц го оцени како релативен успех, и покрај загубата од околу 8% во споредба со претходните избори.

АфД во Берлин освои 15,7%, Зелените 15%, а владејачкиот СПД го постигна својот најнизок историски резултат во главниот град со 12% поддршка. BSW освои 5%.

Според аналитичарите, според овие резултати ќе биде невозможно да се задржат сегашните владејачки коалиции во двете покраини. Неуспехот на партиите од федералната коалиција (ЦДУ и СПД) се препишува на високата непопуларност на сојузната влада — според последните анкети, работата на канцеларот Мерц ја поддржуваат само 13 проценти од германските граѓани.

И покрај шпекулациите за заминување на Мерц, осумте покраински премиери од ЦДУ му дадоа јавна поддршка, отфрлајќи ги барањата за смена во раководството на партијата или владата.