Владејачката партија Единствена Русија, поддржана од Кремљ, обезбеди победа на парламентарните избори во земјата освојувајќи 49,4 проценти од гласовите, покажаа прелиминарните резултати објавени од руските медиуми, а пренесе ДПА.
Според првичните податоци, Комунистичката партија се пласираше на второто место со 14,2 отсто, по што следат ултранационалистичката ЛДПР со 10,7 отсто и Нова народна партија со 9,7 проценти од гласовите. Сите партии што го обезбедија влезот во парламентот важат за лојални на Кремљ и отворено ја поддржуваат руската воена агресија врз Украина.
Антивоената партија „Јаблоко“ беше целосно исклучена од изборниот процес, кој се одвиваше во тек на три дена.
Западните влади, меѓународните набљудувачи за демократија и критичарите на власта го отфрлија гласањето како ниту слободно, ниту фер. Тие ги обвинија властите во Москва за целосна контрола врз политичкиот пејзаж и за системско исклучување на вистинската опозиција од изборната трка.
За Кремљ, овие избори беа клучна проверка за нивото на јавна поддршка за војната на претседателот Владимир Путин во Украина, каде што десетици ветерани од фронтот се кандидираа токму како претставници на Единствена Русија.
Инаку, партијата што доминира со руската политика повеќе од две децении влезе во овие избори соочена со сериозен економски притисок, растечки воен замор и сè поголемо незадоволство меѓу граѓаните, потсетува ДПА.
































