Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (34)
- Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
На почетокот сè е симпатично, сè е розово. Кученцето е преслатко, сите го сликаат, цело време зборуваат за него, сите сакаат да го шетаат, а најмногу оној што со месеци барал куче: неговото височество – детето. Јас ќе го шетам, јас ќе го хранам, јас ќе се грижам за него. Ги знаеме овие реченици, тие во тој момент се целосно искрени. Само што никој не размислува што ќе биде по првите неколку дена, кога кучето веќе нема веќе да биде новост. Тогаш ќе престане ноќе тивко да квичи по леглото, но ќе почне уште посилно да квичи по вас на секое влегување во нова просторија со затворена врата. Ќе почне да прави бељи по дома, да гризе кабли и точно да цели каде да мочка и да кака за да зацапаме во гомца боси во пет наутро. А животот на детето ќе си продолжи со училиште, спорт, гејминг, другари, симпатии и сто други работи.
По дваесет и пет години работа со миленици, сум видел и сѐ уште гледам премногу вакви ситуации. На почетокот сите трчкаат по кучето. По некое време почнуваат да се редат изговорите: има тренинг, има тест, денеска врне, ќе го шетам после. И полека кучето од најважната работа во домот, станува килава обврска што треба да ја заврши некој друг. Тогаш ја слушам реченицата: „Детето веќе не се интересира, сосема го батали кучето, на мене падна товарот, како да немам милијарда други обврски“.
Па, нормално дека нема се интересира. Тоа е дете. Не очекувајте ништо друго. Ќе сака едно, па друго. Ќе му се смени интересот. Ќе помине во средно, ќе почне да излегува, ќе има повеќе обврски. Потоа можеби ќе оди на факултет во друг град или во друга држава. Ќе замине оддома, ќе почне свој живот. Тоа се нормални животни фази, а не доказ дека детето било лошо, неодговорно или без емпатија. Прашањето е што ќе прави кучето во сите тие фази зашто тоа слатко мало и бушаво ќе биде дел од нашето семејство петнаесет, а можеби и многу повеќе години: реално повеќе отколку детето во вашиот дом.
Премногу лесно велиме „му земаме куче на детето“, како да купуваме нешто што е негова лична работа. Не е. Кучето е дел од семејството и одлуката ја носат возрасните. Ако децата помагаат, одлично. Нека храни, нека шета, нека чисти, нека учи да препознава кога животното сака мир и кога му треба внимание. Тоа е одличен начин да се научат одговорност и емпатија. Ама ако утре престане да му биде интересно, ако за две години има сто други обврски или ако за осум години замине на факултет, кучето и понатаму мора да јаде, да излегува, да биде негувано и да има нормален живот.
Затоа малку ми е смешно кога родител ќе ми каже: „Ама ми вети дека ќе се грижи за него“. Што очекуваме од десетгодишно дете? Да потпише нотарски договор на повеќе од петнаесет години? Возрасниот е тој што решил во својот дом да внесе животно. Тој треба да знае дека кучето е тука и кога детето е на училиште, и кога има спорт, и кога ќе му дојде друга фаза во животот. И дека еден ден тоа куче ќе остари, можеби ќе има здравствени или проблеми во однесувањето и ќе бара повеќе грижа, а не помалку. Едно куче во Македонија чини околу 15.000 евра во текот на својот животен век.
Токму затоа ми е важна идејата зад академијата „Мило“. Пред да зборуваме дали детето сака куче, треба да разговараме што всушност значи да живееш со куче. Не само првиот ден, кога сите се возбудени, туку и третиот месец, третата година и десеттата година. Затоа што кучето не расте само додека расте детето. И двајцата се менуваат, само што кучето не може еден ден да каже дека оди на факултет и дека ќе се снаоѓаме некако без него.

И не мислам дека треба да ги обвинуваме децата. Напротив. Возрасните треба да престанат да очекуваат од нив да носат одлуки за кои самите не се доволно подготвени. Кога детето вели „сакам куче“, најлесно е да кажеме да или не. Многу покорисно е да седнеме и да разговараме што значи тоа „да имаме куче“. Токму затоа и Едукативниот центар за одговорни сопственици на миленици „Мило“ не почнува од прашањето кое куче да го земеме, туку од многу поосновното прашање: Што значи да живееме со миленик? Кои се одговорностите, кои се предизвиците, како да бидеме подготвени за животот со миленик сосема различен од инстаграм-приказните. Кучето не е единствениот миленик што може да му даде на детето љубов, интеракција, одговорност и можност да развива различни сетила. Напротив, светот на милениците е огромен, а кучињата се навистина само еден дел од нив. Мачка, папагал, зајак, па дури и рипки можат да бидат многу поадекватен избор за некои семејства. Кучето едноставно носи огромен товар од идеализација и очекувања што често не ги поставуваме пред мачката, папагалот или зајакот – и токму од тие неоправдани очекувања најчесто страда самото куче.
Јас би поставил едно многу едноставно прашање: Што ќе правиме ако по една година веќе не ти биде интересно? Не за да го фатиме во лага. На десет години, нормално е да не знаеш што ќе те интересира по една година. Прашањето е за сите дома. Затоа што не мора детето секој ден да го гушка кучето и да зборува колку го сака. Не мора ни да му биде најинтересната работа во животот. Миленикот треба да стане дел од секојдневието, а не животно на пиедестал под рефлектори. А тогаш се гледа дали сме научиле нешто за одговорноста. Кога не ти се станува рано, ама стануваш. Кога не ти се излегува на дожд, ама излегуваш. Кога имаш сто други работи, ама знаеш дека оваа не можеш да ја прескокнеш.
Тоа е разликата меѓу детската желба и одговорното сопствеништво. Првото може да се смени. Второто трае колку што трае животот на миленикот. Ако интересот помине, тоа не е трагедија. Трагедија е ако тогаш за првпат сфатиме дека никој не размислувал што ќе биде по детската желба. Затоа, пред да кажеме „ќе ти земеме куче“,прво треба да се прашаме нешто многу поедноставно: А што ќе правиме кога веќе нема да му биде интересно? Ако немаме јасен одговор, можеби не сме подготвени за куче. Не затоа што детето е неодговорно. Туку затоа што возрасните заборавиле дека детството поминува.
Илија Петковски
































