Вечерва, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот бисер „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, ремек-дело што ја обединува магијата на ориенталните приказни со раскошната балетска уметност.
Базирана на мотивите од „Илјада и една ноќ“, оваа балетска класика ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, кореографијата е на познатиот балет-мајстор од Москва Михаил Крапивин, со првична постановка на Михаил Фокин. Сценографијата е на Марија Ветероска, а костимите на Маја Бурсаќ од Србија, додека концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Балетската приказна ќе ни ја раскажат: Наташа Трендафилова Гицев и Балаж Лочеи (Унгарија), заедно со првенците, истакнати солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Балетот „Шехерезада“, инспириран од легендарните приказни од збирката „Илјада и една ноќ“, претставува ремек-дело во балетската литература, кое ја спојува магијата на ориенталните приказни, драматичната музика и раскошниот сценски израз. Со богата кореографија, експресивни движења и внимателно избрани сценски детали, делото ги истражува моќта на раскажувањето, страста, љубомората и интригата, а ликот на Шехерезада носи мистерија и вештина што ја фасцинира публиката со секоја сцена.