Фото: Фејсбук профил Христијан Мицкоски

Односите со Бугарија се неизбежна тема во разговорите со европските партнери, но Македонија нема да влезе во нов процес без јасна перспектива и предвидлив крај, вели премиерот Христијан Мицкоски во ексклузивното интервју за МИА од Вашингтон.

Мицкоски посочува дека за ова прашање разговара со претставници на европските институции, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас.

 – Не сум од оние луѓе кои што брзоплето ги прават работите во политиката. Бараме решенија, но никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај – вели Мицкоски.

Според него, првиот чекор кон надминување на разликите треба да биде изградба на доверба меѓу двете страни. Тој нагласува дека за тоа е потребна подготвеност за дијалог и од Македонија и од Бугарија.

 – Ова е двонасочна улица, не може само од едната страна – посочува премиерот.

Мицкоски вели дека Владата е подготвена да ги аргументира своите позиции, но и да ги прифати аргументите од спротивната страна доколку тие се убедливи.

 – Не се инаетиме, не сме тврдоглави. Но, она што претставува наша цел е нашата стратегија, нашата вистина да ја презентираме на најдобар начин на кој што можеме – вели тој.

Во тој контекст, премиерот посочува дека Владата е подготвена да разговара за усогласување на акцискиот план за малцинствата, но смета дека процесот треба да се одвива со присуство на меѓународната заедница.

 – Ако водиме дијалог само со нашиот источен сосед, тогаш се потврдува она што ние велиме дека е билатерално прашање – вели Мицкоски, додавајќи дека како можен учесник во разговорите ја гледа и Европската Унија.

Тој нагласува дека Македонија продолжува со спроведувањето на реформите предвидени со Планот за раст и Реформската агенда, паралелно следејќи ги политичките случувања во Европа.

 – Динамично е, секаде во светот е динамично. Ние мораме во овие предизвици да ја најдеме и нашата шанса и тоа го правиме – вели Мицкоски.

Во однос на идеите за можен вид асоцијативно членство во Европската Унија, Мицкоски ги опишува како „брејнсторминг“ и размена на идеи, без да навлегува во конкретен модел.

Според него, евентуалното воведување нови форми на членство би подразбирало и промени во договорите на Европската Унија.

 – Светот дефинитивно се менува, и тоа се менува со една голема брзина. Се репозиционираат интересите – вели премиерот.

Мицкоски смета дека во услови на глобални промени и прераспределба на интересите, Македонија треба да ја искористи својата географска и стратешка положба.

 – Како релативно малубројна земја, не многу значајна, имајќи ја предвид големината како територија – но како локација значајна, посебно во овој дел на светот, треба да ја најдеме нашата шанса. И мислам дека ја пронаоѓаме. Контурите се исцртуваат – нагласува Мицкоски.