На времето во нашето Дутлок Маало имаше многу живина. Кокошарници, колку ти душа сака. Слично како на селско гумно. Немаше дом без четириесетина кокошки и најмалку четири-пет петли, од кои еден главен, а другите помлади, во борбена положба за преземање на престолот. Од убави поубави. Од бели талијани – талијанки, до шарени и граворести, а поретки црни, кои некако добиваа третман на баксузни поради бојата. Гавранот на пример е црн катран, изглед што тешко се прифаќа како позитивен и кој асоцира на зло, а науката тврди дека е една од најумните и најитри пердувести птици во природата со сличности на човечки карактер. Секако дека колонијата домашни птици имаа посебни кокошарници и беа одвоени од другите пердувести суштества, иако маката во станбениот простор често ги ставаше во заедница со да речеме прасињата, гуските или мисирките. Всушност, кокошарниците беа содржина на збунувачка или бесмислена врева на соседи принудени на заеднички живот или стан како на почетокот од слободниот живот во некогашната СФРЈ. Се разбира, главниот збор во сиот тој галиматијас го имаа кокошките, особено откако ќе снесеа јајце, а сето тоа ќе го потврдеше петелот, кој не им дозволуваше на другите петли дури ни да го следат во одата на радоста. Ако некој се осмелеше да го направи тоа, следуваше клун по кикиришката и летање пердуви на сите страни.
Не знам кој слушнал, а кој не за францускиот ренесансен писател Мишел де Монтењ, ама јас ќе потсетам дека станува збор за ренесансниот татко на есејот како посебен книжевен род. Тој за првпат го означил изразот „галиматијас“ како бесмислен говор, кој потсетува на интонациска нестабилност со шетање на нотите на пејач што нема доволна поддршка од сопствената дијафрагма и произведува само тонски хаос. Се разбира, најчесто поради психолошки притисок. Околу потеклото на терминот и денес се кршат етимолошки копја. Се чини дека најприлежно објаснување лежи во основата на зборот „галус“, што би значело кукуригање при пресметка на два петли што делат мегдан. Аналогно на тоа, станува збор за кукуригање или бесмислено бамборење. Одамна ова кукуригање или кокодакање се поистоветувало со тривијални разговори на жени домаќинки во муабет преку селски плот или граѓанки во иста или слична постапка во посебни одаи од домот. Секако дека овде нема да бидат поштедени ниту господата мажи, од една единствена причина што тие тоа го прават во секојдневните вербални препукувања по теми поврзани со политиката и спортот. Ова често ги прави горделиви, па се чувствуваат како раскукуригани петли.
Замислете си едно селско буниште или гумно. Таму е збор од различни жители на пердувестите претставници поврзани со вревата. Тонскиот хаос има свои содржини или барем така си го замислуваат тоа тамошните жители. Честопати сета таа претстава е проследена со вербални закани едни кон други, но и со физички пресметки за докажување на исправноста на нивниот став за темата на расправата. Во тој тонски хаос има предигра и малку повеќе мисла и размисла, има убедување и загревање до точка на вриење и кулминација. Во неа се случува екстремно излевање на нивните анимални карактеристики, кои водат до точка на безумие. Е, тогаш се случува галиматијас. Запри малку, човеку. Ова ти како да го префрлаш на полето на политичкиот плурализам, каде што секој учесник во кокодакањето има свој став во врска со одредена тема што е на дневен ред за обработка. Можеби е така, но ова е само случајност или совпаѓање со слични содржини. Бидејќи секој учесник во вревата има свој став и смета дека неговиот е најисправен, доаѓа до навреди со погрдни зборови и тонски хаос – врева односно кукуригање. Потоа сето тоа се претвора во физичка пресметка, која се пренесува и врз армијата поддржувачи или истомисленици, сеејќи омраза и гнев. Навистина феноменална замисла за еден контролиран хаос на заблудени, кои само си мислат дека бранат свои интереси.
Но оваа претстава не е толку наивна. Веќе напоменав дека постои процес на контролиран хаос. Во сиот тој кукуригу тонски запис, петелот куклар е тој што ги влече конците во оваа величествена претстава. Постои граница до која ги толерира своите пулени. Веројатно истото се случува и на другата, противничката страна. Претпоставено заемен интерес. Зајадените кукуриговци веднаш ќе спласнат откако ќе им биде подадена дланка полна со жолти зрна пченка. Клукајќи од зрната, тие веднаш ќе престанат со кукуригањето и кукањето, а галиматијасот ќе остане актуелен за во некоја следна пригода. Но така е кога станува збор за теми од локален карактер. Сосема различно е кога се работи за буништа од глобален карактер. Таму галиматијасот е сложена содржина на глобално ниво. Зарем мислите дека суштинскиот карактер е многу поразличен? Во денешниот свет, кој како се повеќе да приличува на глобално буниште, постојат силни петли, кои сѐ помалку го контролираат сопственото кукуригање. Веројатно се чувствуваат силни до мера за која не треба да полагаат сметка ниту пред своите од буништето ниту пред оние од спротивставената страна. Во одреден момент кога ќе почувствуваат потреба од детант односно кога силите ќе бидат изедначени, интересите на страните ќе дојдат до целосен израз. Тие ќе бидат водилки што ќе ги определат правилата по кои сите на глобалното буниште ќе мора да играат со наместени насмевки на лицата и со покорно наведнати глави. Се разбира, кукуригањето ќе биде дозволено, но само како израз на насобрана енергија ставена под целосна контрола. Така, големиот петел мошне суптилно ќе ја насочи во строго определена насока.
Доколку некој што не е добронамерен сето ова го поврзе со глобална политичка сцена, ќе го потсетам на изреката дека молкот е златна определба за умните и за прагматичните, кои веќе одамна ја прочитале играта на цивилизираниот свет. За жал, дури и по толку многу изминати векови исполнети со зли искуства и неброени човечки жртви, танцот и кукуригањето на глобалното буниште продолжуваат со шаблонот што успешно брани определени интереси на полни џебови. Се чини дека овој пат кукуригањето се надмина дури и самото себеси.
Секогаш постојат цели што се кријат зад купот смет на глобалното буниште. За да ги зачуваат својот трон и интересите на своите блиски поддржувачи, петлите кукуригаат на сиот глас. На периферните делови од гумното претаат новите сили, кои упорно ја чекаат својата шанса за силно кукуригање. Во суштина, сите промени се добредојдени пред сѐ заради освежување на амбиентот, кој не смее да стане едноличен. И тоа се смета за напредок. Нови ветришта што носат нова надеж и промени на буништето. Тонскиот галиматијас или кукуригањето е процес што не запира. Расипана тонска скала. Едни надолу, други нагоре по ридот од смет. Едни засилено кон врвот, други надолу со натежнати мокри ликри (силни постави за џебови). Но зад сиот тој процес сѐ си останува исто како и порано. Тоа ќе се почувствува мошне брзо по начинот на кукуригање, за жал. Одекнува ист тонски хаос. Доволно е само да фрлите еден поглед со широко отворени очи низ прозорецот што гледа кон глобалното буниште.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател
































