Пресудите од Хаг – огледало на целата косовска приказн
На 16 септември 2026 година Специјализираните совети за Косово во Хаг ги прогласија Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи за кривично одговорни за повеќе воени злосторства. Судот утврди одговорност за незаконско или произволно лишување од слобода во однос на 385 лица, сурово постапување кон 49 лица, тортура врз 303 лица и убиства на 96 лица. Истовремено, обвинетите беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото, бидејќи обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека постоел широко распространет или систематски напад врз цивилно население. Изречени се затворски казни од 25 години за Тачи, 18 за Весели, 13 за Селими и 25 за Красниќи. Овој момент е историски значаен не затоа што ја менува пресудата за политичкиот статус на Косово (судот не го решава тоа прашање), туку затоа што повторно ја отвора темата за односот меѓу геополитичката легитимација на еден политички проект и индивидуалната кривична одговорност на неговите актери. И тука треба да се избегне уште една замка. Фактот што западни држави соработувале со поранешни припадници на УЧК не значи дека тие држави правно ја презеле нивната индивидуална кривична одговорност. Но политичкиот парадокс останува. Еден ист меѓународен поредок во различни периоди можел да ги третира истите луѓе како воени партнери, соговорници, политички претставници и, подоцна, обвинети или осудени лица. Токму тоа „салтомортале“ на меѓународната заедница заслужува сериозна анализа.
Зошто доскоро зборувавме за „селективност на Хашкиот трибунал“?
Прашањето дали НАТО и УЧК биле формални сојузници што заеднички воено ја создале државата Косово е исклучително интересна тема за опсервација. За потсетување, за време на самата воздушна кампања, претставници на НАТО во април 1999 година јавно изјавиле дека нема формални врски меѓу НАТО и УЧК. Но по повлекувањето на југословенските сили и воспоставувањето на КФОР, односот драматично се расветли и тогаш отворено излегоа на виделина и најтесните меѓусебни врски на сите нивоа. Тука косовската приказна доби уште една димензија.
Меѓународната заедница со години ги третираше поранешните команданти на УЧК како политички партнери во новата косовска реалност. Некои од нив станаа високи политички функционери. Но тоа не значи дека меѓународните судови, и покрај многуте докази и досиеја, ги прогласија нив за воени злосторници.
На пример, пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, случајот против Рамуш Харадинај и другите заврши со ослободителни пресуди за Харадинај и Идриз Балај во првата постапка, додека Лахи Брахимај беше осуден за тортура и сурово постапување. Апелацискиот совет во 2010 година нареди делумно повторно судење.
Тоа е важно затоа што не смее да создаде лажен впечаток дека „Хашкиот трибунал принципиелно ги осудил командантите на УЧК како целина за поведенија казниви од кривичното право“. Таква генерализација не произлегува од пресудите. Но сега постои сериозна современа правна пресвртница!
2. Хаг го урна митот дека ОВК е „ослободителна“, дека е „војска“ и дека легално создала меѓународноправен ентитет – Косово
- Како во 1999 година беше создаден меѓународен поредок за Косово што требаше да биде привремен, а трае и денес. И зошто Резолуцијата 1244, наместо да исчезне, стана темелот на најголемиот правен парадокс на постјугословенскиот простор
На 10 јуни 1999 година Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) ја усвои Резолуцијата 1244. Со неа заврши воената фаза на косовската криза, но не и правниот спор што ја предизвика. Денес, 27 години подоцна, токму таа резолуција стои во срцето на парадоксот. Имено, документот што требаше да создаде привремена меѓународна администрација во Косово стана еден од клучните темели врз кои се разви косовската државност, но истовремено не содржи одлука со која Косово станува независна држава!? Уште поважно, Резолуцијата 1244 експлицитно ја потврдува посветеноста на Советот за безбедност кон суверенитетот и територијалниот интегритет на тогашната Сојузна Република Југославија, додека истовремено воспоставува меѓународно цивилно и безбедносно присуство во Косово и предвидува политички процес за определување на идниот статус. Токму тука започнува приказната за една од најконтроверзните конструкции на современото меѓународно право.
Територија што беше ставена под меѓународна администрација со одлука на Советот за безбедност, држава што никогаш не доби согласност од Советот за безбедност за членство во ОН, но која во 2008 година прогласи независност и потоа беше признаена од одреден број држави. Прашањето затоа не е само дали Косово е „држава“ или „не е држава“. Подлабокото прашање е: Што точно се случи со меѓународното право кога во 1999 година воената сила на НАТО го промени фактичкиот поредок на теренот, а потоа истиот тој простор беше ставен под правна рамка на ОН?
Обединетите нации не признаваат држави создадени со странска воена интервенција
Меѓународно правни експерти и универзитетски професори по меѓународно право се експлицитни во своите ставови дека „Обединетите нации не признаваат држави создадени со странска воена интервенција“. Рака на срце, експлицитните тврдења и анализите се резултат на експлицитни цитати на чисти такви општи норми во меѓународното право.
Постојат, меѓутоа, многу сериозни правни правила во заднина од кои се изведуваат ваквите тврдења. Имено, членот 2(4) од Повелбата на ОН забранува закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на држава. Исклучоците од забраната на употреба на сила се тесно поврзани со системот на колективна безбедност на Советот за безбедност и со правото на самоодбрана. НАТО ја започна воздушната кампања против Сојузна Република Југославија на 24 март 1999 година, а операцијата траеше 78 дена. НАТО својата интервенција ја образложуваше со спречување хуманитарна катастрофа и со неуспехот на дипломатските напори. Но токму тука останува една од најголемите правни празнини на косовската приказна. Интервенцијата на НАТО во 1999 година не беше претходно овластена со резолуција на Советот за безбедност со која се одобрува употреба на сила против Југославија. Меѓународниот суд на правдата никогаш не донесе мериторна пресуда со која дефинитивно ја прогласи интервенцијата за законска или незаконска.
Во предметите „Легалност на употребата на сила“ (Legality of Use of Force), поведени од СР Југославија против повеќе членки на НАТО, судот во 2004 година заклучи дека нема јурисдикција да ги разгледува тужбените барања. Тоа е клучна разлика, односно отфрлањето поради недостиг од јурисдикција не е пресуда дека НАТО употребил сила во согласност со меѓународното право. Оттука произлегува една од најважните новинарски тези за оваа анализа на косовскиот случај, поттикната од најновите хашки пресуди за сторени воени злосторства од ОВК.
Имено, правниот спор за 1999 година никогаш не доби конечна судска завршница, која би овозможила едноставно да се каже „ова беше законска интервенција“ или „ова беше незаконска агресија“. Останаа спротивставените правни аргументи – хуманитарна неопходност од една страна и забрана на употреба на сила без овластување на Советот за безбедност од друга.
Резолуцијата 1244, документ што ја замрзна противречноста
Ако НАТО ја промени фактичката реалност на теренот, Резолуцијата 1244 ја претвори таа реалност во меѓународноправна конструкција. Резолуцијата беше донесена според Поглавје VII од Повелбата на ОН. Таа предвидуваше меѓународно цивилно и безбедносно присуство, повлекување на југословенските и српските воени, полициски и паравоени сили и воспоставување привремена администрација. Но, истовремено, во преамбулата, Советот за безбедност ја потврди посветеноста кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Сојузна Република Југославија. Тоа е правниот јазол. Косово беше ставено под меѓународна администрација, но не беше прогласено за независна држава. Напротив, УНМИК доби исклучително широки овластувања. Меѓународниот суд на правдата во своето советодавно мислење од 2010 година констатира дека Резолуцијата 1244 воспоставила специфичен меѓународен правен поредок во Косово и дека УНМИК добил законодавна, извршна и судска власт. Затоа е погрешно 1244 да се третира само како политичка декларација. Таа е правно обврзувачки акт на Советот за безбедност. Но еднакво е важно да не се претерува во спротивна насока: 1244 не вели дека Косово засекогаш мора да остане дел од Србија, ниту пак експлицитно го забранува секој иден облик на независност. И токму оваа нијанса ќе стане пресудна во 2010 година.
Што навистина кажа Меѓународниот суд на правдата?
Кога Косово во февруари 2008 година прогласи независност, Србија побара од Меѓународниот суд на правдата да одговори дали едностраната декларација е во согласност со меѓународното право. Одлуката од 22 јули 2010 година често се претставува како пресуда со која Хаг „ја призна независноста на Косово“. Тоа не е точно. Судот не одлучуваше дали Косово е држава. Не одлучуваше дали Косово има право на членство во ОН. Не одлучуваше дали НАТО-интервенцијата од 1999 година била законска. Прашањето беше многу поспецифично и гласеше: Дали самото донесување на декларацијата за независност од 17 февруари 2008 година го прекршило меѓународното право?
Одговорот беше негативен. Судот заклучи дека општото меѓународно право не содржи применлива забрана за декларации на независност и дека самата декларација од 2008 година не го прекршила меѓународното право. Судот исто така заклучи дека 1244 не ја забранувала декларацијата. Но тоа е суштински различно од тврдењето дека Хаг одлучил: „Косово е независна држава и Србија го изгубила суверенитетот“. Таква одлука нема! Токму затоа косовскиот случај останува толку интересен за меѓународното право: Судот ја разгледуваше законитоста на чинот на декларацијата, а не го реши конечниот статус на територијата.
Всушност станува збор за советодавно мислење на судот, за разлика во случајот на Македонија против Грција каде што судот донесе обврзувачка одлука/пресуда. Зошто Република Македонија не ја валоризираше таа силна пресуда за зацврстување на својата надворешнополитичка позиција и конечна заштита на името е тешка, но важна тема за дискусии и анализи и сега. Затоа што ништо не е дефинитивно, па ни Преспанскиот договор, иако тој во насловот го носи токму тоа име – дефинитивна.

„Без Обединетите нации си ништо“!
Тезата на некои меѓународно правни експерти дека „како државноправен ентитет а не си членка на ОН си – ништо“ има силна политичка логика, но како правна формула, според други правни експерти, е премногу апсолутна. Зошто?
Членството во ОН не е единствениот критериум за постоење на држава во меѓународното право. Тоа се гледа и од самата Повелба на ОН: членот 4 предвидува дека приемот во ОН се врши со одлука на Генералното собрание по препорака на Советот за безбедност. Тоа значи дека за Косово постои дополнителен политичко-правен проблем. Дури и ако една територија има институции, население, територија и способност за меѓународни односи, членството во ОН е посебен процес, кој бара Советот за безбедност да даде препорака. А таму започнува политичката реалност на правото на вето. Затоа проблемот со членството на Косово во ОН не е едноставно дека „Западот направил грешка, па сега не може да ја тргне 1244“. Попрецизно е да се каже дека не постои консензус во Советот за безбедност за конечниот статус на Косово, а без препорака од Советот, Генералното собрание не може едноставно да го заобиколи тој услов. Така, 1244 останува еден вид правен мост меѓу два неспоиви концепта – српското инсистирање на територијален интегритет и косовското инсистирање на независност.
Сепак, Косово не е членка на повеќе важни мултилатерални организации, а пред сѐ тоа се Советот на Европа и ОБСЕ. Ова се важни организации, каде што се носат резолуции, важни одлуки, особено во ОБСЕ, кој има надлежност и во сферата на одбраната. Ако те нема таму, тогаш земјата мора да се потпре на земји што ќе лобираат во твое име, а тоа е секогаш компликувано и со многу последици.
Најголемиот парадокс: Со сила се промени реалноста на теренот,
а потоа се стави под ОН?!
Ова е можеби најсилната точка за аналитичка опсервација. Имено, НАТО во 1999 година ја промени воената и политичката реалност во Косово! Но непосредниот правен режим што следуваше не беше НАТО-држава, туку „меѓународна администрација заснована врз одлука на Советот за безбедност“. Со други зборови, војната создаде нова фактичка реалност, а Резолуцијата 1244 создаде правна рамка за управување со таа реалност.
Всушност, самиот НАТО во 1999 година јавно тврдеше дека целта е политичко решение во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право, а не формално создавање независна косовска држава. Во првичниот период Алијансата зборуваше за демократско и мултиетничко Косово во рамките на тогашната СРЈ. И тука се отвора едно од најинтересните прашања: Дали независноста од 2008 година била логичен исход на процесот започнат во 1999 година или политичко надминување на привремената правна рамка создадена со 1244?
Меѓународниот суд на правдата не ја прифати втората теза како правна пречка за самата декларација, но не донесе ни одлука со која целосно го затвори спорот за статусот.
Од „хуманитарна интервенција“ до „правен преседан“
Косово стана еден од најчесто спомнуваните случаи во дебатата за т.н. хуманитарна интервенција. Западните држави во 1999 година ја бранеа интервенцијата како одговор на огромна хуманитарна криза. Русија, Србија и други држави ја оспоруваа правната основа на употребата на сила без претходно одобрение на Советот за безбедност. Но она што следуваше по 1999 година го направи случајот уште посложен. Ако воената интервенција била само средство за да се создадат услови за меѓународна администрација и политички процес, тогаш независноста од 2008 година може да се гледа како последователен политички исход. Ако, пак, независноста се гледа како директен резултат на интервенцијата и последователната трансформација на територијата, тогаш се поставува многу посериозното прашање: Дали употребата на сила може индиректно да создаде нова територијална реалност, која потоа меѓународниот поредок ќе ја легализира со текот на времето? Токму тука лежи стравот од „преседан“. И токму затоа голем дел од државите никогаш не го прифатија косовскиот модел како општ пример за право на еднострано отцепување.
Косовската аномалија создадена од меѓународната заедница
Резолуцијата 1244 не е само остаток од 1999 година. Таа е доказ дека меѓународната заедница никогаш не постигна целосен консензус околу конечниот статус на Косово. Тоа е причината поради која денес постојат две паралелни реалности. Од една страна, Косово има сопствени институции, влада, парламент, судски систем, безбедносни структури и значителен број меѓународни признавања. Од друга страна, нема членство во ОН, а некои од најмоќните држави во светот не ја признаваат неговата независност. Тоа не е едноставна аномалија. Тоа е последица на фактот дека меѓународното право и меѓународната политика никогаш не успеаја да постигнат целосно усогласување околу косовскиот статус. Затоа 1244 не исчезна. Не затоа што една резолуција магично „го спречува Косово да биде држава“, туку затоа што таа е дел од правниот поредок врз кој и натаму се темели меѓународното присуство и затоа што Советот за безбедност никогаш не постигна консензус за нова статусна архитектура.
Вистинската косовска дилема
– Во 1999 година западните држави презедоа политички и воен ризик за кој не постоеше правна основа во форма со претходно овластување од Советот за безбедност.
– Потоа, преку Советот за безбедност, во ОН создадоа Резолуција (1244) со која формално се потврдуваше територијалната целост на СРЈ.
– Натаму, во 2008 година, косовските институции прогласија независност.
– Во 2010 година Меѓународниот суд на правдата кажа дека самата декларација не го прекршува меѓународното право. Но судот не кажа дека Косово станало членка на ОН, ниту дека Србија се откажала од територијата, ниту дека НАТО-интервенцијата од 1999 година била правно легализирана.
– А сега, во 2026 година, во истиот град каде што меѓународната заедница со години ги суди злосторствата од косовската војна, четворица од највисоките политички фигури на поранешната УЧК се осудени за воени злосторства.
Така, Хаг на еден необичен начин станува огледало на целата косовска приказна. Во една судница се расправа за тоа дали декларацијата за независност го прекршила меѓународното право. Во друга се расправа за тоа дали луѓе што биле дел од политичко-военото движење што го обликуваше повоено Косово извршиле тешки злосторства. А над сите тие постапки и понатаму стои Резолуцијата 1244 – документ создаден за привремено решение, кој по 27 години останува еден од клучните столбови на правниот статус на територијата.
Тоа е вистинскиот косовски парадокс. Во 1999 година беше создадена нова реалност со воена сила; со 1244 таа реалност беше ставена под меѓународноправна управа; во 2008 година беше прогласена независност; во 2010 година Хаг утврди дека декларацијата сама по себе не го прекршила меѓународното право; а во 2026 година истиот Хаг донесе пресуди за тешки воени злосторства на дел од луѓето што беа меѓу клучните актери на таа трансформација. Можеби тоа не е доказ дека „косовската држава е нелегална“. Но не е ниту доказ дека целиот процес од 1999 година до денес е правно затворен. Напротив. Косово е можеби најјасниот пример дека во современиот меѓународен поредок фактичката моќ, политичката легитимација и правната легалност не секогаш се движат по иста линија. Може ли Македонија да извлече поука од сето ова?
































