Фото: Македонски весник „Илинден“

Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, вчера учествуваше на работниот состанок на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) при Федералната унија на европските националности (ФУЕН), што се одржа во рамките на конгресот на организацијата во Хелсинки, Финска.

На состанокот Ѓурѓај одржа презентација за Македонците во Република Албанија.

 – Во името на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, имав презентација за Македонците во Република Албанија – изјави Ѓурѓај за „Македонски весник „Илинден“.

Фото: Македонски весник „Илинден“

На состанокот беше разговарано и за семинарот што Македонското друштво „Илинден“-Тирана го организираше во Тирана. Претседателот на Работната група на словенски малцинства при ФУЕН, д-р Хартмут Лајпнер, му се заблагодари на друштвото за успешната организација на семинарот.

Лајпнер истакна дека семинарот во Тирана бил еден од најбројните и претставувал значајна промоција на македонското национално малцинство. Семинарот и активностите на „Илинден“-Тирана биле во фокусот на состанокот кој традиционално се одржува во рамките на конгресите на ФУЕН.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана е член на Федералната унија на европските националности од 16 мај 2015 година и е дел од Работната група на словенски малцинства.

Во Работната група на словенски малцинства од Европа членуваат 32 организации, кои се рамноправни членки на ФУЕН.