САД ја гледаат Македонија како врвен приоритет во регионот, а со американската администрација се разговара за реализација и финансирање на повеќе капитални проекти во енергетиката и инфраструктурата, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон.
Како што посочува, меѓу темите на разговорите биле можностите за финансирање на проектите „Чебрен“ и „Галиште“, изградбата на гасоводот кој треба да го поврзе ЛНГ терминалот во Александрополи со централна Европа, како и развојот на рудникот за антимон во паланечко Луке.
– Ценам дека во годините кои следат од ова стратешко партнерство ќе се изнедрат многу капитални проекти кои што ќе имаат историско значење – вели Мицкоски.
Во однос на „Чебрен“ и „Галиште“, премиерот посочува дека Владата бара инвеститор и дека за проектот веќе се разговарало со Американската корпорација за меѓународно финансисрање и развој (DFC). Според него, воспоставен е и канал за комуникација меѓу Владата и американската финансиска институција.
Мицкоски го посочува и проектот за рудникот за антимон во Крива Паланка, односно во местото Луке, како една од иницијативите за кои постои американски интерес.
– Таму се присутни во делот на грантирање од пет милиони долари за развој на проектот во Крстов Дол, во местото Луке, паланечко, но тоа е само почеток – вели премиерот.
Посебно внимание, според Мицкоски, било посветено на гасоводот кој треба да минува низ Македонија и да овозможи поврзување на ЛНГ терминалот во Александрополи со централна Европа.
Целта, како што објаснува, е Македонија да стане дел од значајна регионална гасоводна рута и да добие поголема енергетска сигурност.
– Капацитетот е некаде околу три милијарди метри кубни, а ако се зголеми притисокот може да дојде и до шест милијарди. Она што го прави специфичен е што гасоводот е двонасочен – вели Мицкоски.
Според него, за Македонија е особено важно да се изгради и северниот интерконектор со Србија, со што земјата би можела да стане транзитна точка за гасот во регионот.
Мицкоски очекува двата проекти да бидат завршени до крајот на 2028 година.
– Кога ќе ги завршиме овие два проекта, што јас очекувам да биде на крајот на 2028 година, геостратешката положба на земјата ќе биде сосема поинаква – нагласува премиерот.
Тој посочува дека Македонија во моментов троши околу половина милијарда кубни метри гас годишно, а зголемувањето на капацитетите би отворило простор и за нови инвестиции во гасни електроцентрали, дата-центри и технологии поврзани со вештачката интелигенција.
Во разговорите со американската страна биле опфатени и инфраструктурните проекти, меѓу кои Коридорот 8, Коридорот 10-д, железничката инфраструктура и високонапонските електроенергетски врски со соседните земји.
Мицкоски оценува дека Македонија со изградбата на новите далноводи може да прерасне во значајна енергетска крстосница во регионот.
– Со тоа ќе бидеме буквално енергетска крстосница кога станува збор за преносот на висок напон на електрична енергија – вели тој.
Премиерот нагласува дека ваквите проекти, според Владата, се дел од критичната инфраструктура и имаат значење за енергетската сигурност и поврзаноста на регионот.
– Ние како држава можеме да ја искористиме нашата сега веќе посилна геостратешка положба и од сето ова да извлечеме корист за граѓаните, и економски побргу да се развиваме. Тоа е суштината и тоа е приоритетот на оваа Влада – истакнува Мицкоски.

































