КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029
- Ако одиграме дисциплинирано и ги исполниме задачите од селекторот, верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат и до
остварување на нашата цел, вели репрезентативниот бек Виктор Ефремовски. Македонија денеска (18 ч.) во спортската сала „Лазар Лечиќ“
во Скопје ќе се сретне со Ирска, а со победа ќе обезбеди пласман во главните квалификации за ЕП 2029
Македонската машка кошаркарска репрезентација денеска (18 ч.) во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје ќе го одигра петтиот натпревар во претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година, со Ирска. Победа за избраниците на македонскиот селектор Жозеп Марија Берокал би значела заверка на првата позиција во групата А и пласман во главните квалификации за ЕП 2029. Влезниците за овој натпревар чинат 200 денари.
– Одлично се чувствувам тука. Тимот ми посака добредојде и моето прво искуство во Македонија е одлично. Имаме добар тим, кој може да се натпреварува. Возбуден сум што имам шанса да играм на теренот со овие играчи, а верувам дека исто така се чувствуваат и моите соиграчи.
Работиме заедно, гледаме да се држиме до планот на игра, затоа што нашата заедничка цел е да победуваме и да имаме резултати. Од мене може да очекувате добра енергија, шут за три поени, но и тимска пожртвуваност – рече натурализираниот македонски кошаркар со американско потекло, но и евролигашко искуство, Нејт Сестина, пред репрезентативното деби за црвено-жолтите, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Ирскиот селектор Мајкл Бри во составот има шест дебитанти, со што јасно најавува почеток на нов циклус во неговата репрезентација. Најголемиот дел нови имиња доаѓаат од американската колеџ-кошарка. Изминатиот викенд Ирска во Лос Анџелес (САД) одигра контролен меч со Ерменија и загуби со 59-74, а кај Ирците најефикасен со 18 коша беше Шон Флод.
– Нѐ очекува важен натпревар против Ирска и свесни сме дека нема да биде лесно. Тие доаѓаат со пет-шест нови играчи, па сигурно ќе има промени во нивната игра. Нашиот фокус е на нашата игра и да го дадеме максимумот. Ако одиграме дисциплинирано и ги исполниме задачите од селекторот, верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат и до остварување на нашата цел – вели македонскиот репрезентативен бек Виктор Ефремовски, пренесе КФМ. Г.И
ГРУПА А
Македонија – Ирска 18 ч.
Луксембург – Азербејџан 19 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 4 4 0 332-265 8
Луксембург 4 2 2 339-337 6
Азербејџан 4 1 3 285-335 5
Ирска 4 1 3 319-338 5

































