Тренд на пораст на измамите при онлајн пазарење, проблематично и купувањето преку социјалните мрежи
- Потрошувачите треба да внимаваат при купувањето од онлајн продавниците, бидејќи измамите од нерегистрирани продавачи застапени на социјалните мрежи се големи. Најголемиот број онлајн купувачи за жал немаат никаков доказ дека извршиле плаќање, ниту адреса и назив на правниот субјект, па Државниот пазарен инспекторат не ги прифаќа таквите пријави
Од година на година се прошируваат продажбата и пазарењето преку интернет, тренд што е присутен насекаде во светот, како и кај нас. Македонските граѓани во првите девет месеци од 2025 година реализирале онлајн трансакции вредни 693,1 милиони евра, според Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, додека во 2024 година потрошиле над 280 милиони евра за разни производи и услуги нарачани преку интернет.
Иако онлајн продажбата е предност и има голем број придобивки од пазарењето преку интернет, искуствата во Македонија покажуваат дека има и голем број граѓани што биле измамени кога пазареле преку интернет, а особено загрижувачки е порастот на измамите за продажби преку социјалните мрежи како Фејсбук и Инстаграм. Упатените истакнуваат оти пазарењето преку социјалните мрежи е проблематично и дека најголемиот број измами се случуваат токму преку овие канали.
Ова се должи на фактот што граѓаните најчесто плаќаат и купуваат кај нерегистрирани трговци, не добиваат фискална сметка, при што нема назив на фирмата што нуди и продава разни производи, со што станува тешко да се докаже измамата и да се казнат сторителите.
Само лани над 700 поплаки од потрошувачи
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија за „Нова Македонија“ посочуваат дека во делот на онлајн купувањето за 2025 година имаат добиено 744 поплаки од потрошувачи.
– Поплаките обично се однесуваат на неисполнување на техничките карактеристики на производите што ги купиле, доставување оштетен производ, производ во различна боја од нарачаната, друга големина, доставување понеквалитетен од оној што бил презентиран или рекламиран, односно испорака на производи што не соодветствуваат со описот и сликите, неиздавање гаранција и упатство за употреба при нарачка на технички производи, неиздавање фискална сметка или фактура за извршеното плаќање и купување на производите. Како чест проблем е и немањето доволно информации за повлекување од договорот и откажување на нарачката – нагласува Татјана Тасевска, правна советничка при Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ).
Тасевска потенцира дека доколку потрошувачот при онлајн купувањето има доказ за извршено плаќање (фискална сметка, фактура), а притоа е измамен од продавачот, го упатуваат да пријави во Државниот пазарен инспекторат.
– Најголемиот дел онлајн купувачи за жал немаат никаков доказ дека извршиле плаќање, ниту имаат адреса и назив на правниот субјект, па таквите пријави Државниот пазарен инспекторат на ги прифаќа, а со самото тоа и бројката на измамени купувачи е многу поголема – нагласува Тасевска.
Со оглед на тоа што измамите преку интернет стануваат сѐ почести, поради што веќе има групи на социјалните мрежи за измами направени од разни социјални страни, многу е значајно како граѓаните да се заштитат. Тасевска смета дека кај онлајн продажбата е многу важно да се направи дистинкција помеѓу легална и нелегална продажба.
– Најчесто кај продажбата што е пред сѐ застапена на социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм), потрошувачите се соочуваат со голем број измами. Продажбите на социјaлните мрежи, кои не се регистрирани фирми, немаат регистрирано седиште, не даваат можност за плаќање преку трансакција или сметка во банка и не издаваат фискална сметка/фактура, гарантен лист и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника се класични онлајн измами, во кои потрошувачот е вообичаено и најчесто оштетената страна – нагласува Тасевска.
Купувачите да проверат дали има фирма пред да купуваат преку социјалните мрежи
Нашата соговорничка посочува дека при онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи, потребно е потрошувачите однапред да утврдат и истражат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница. Но исто така мора да утврдат дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на мејл, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/ фактура или сметко-потврда (доколку не им достави, немаат обврска да го подигнат производот).
Тасевска укажува дека граѓаните никако не треба да потпаѓаат под заведувачкото пазарно рекламирање на онлајн продавачите на социјалните мрежи – попуст само ден, акција на производи што се копија од некој актуелен бренд, гратис производи и слично.
– При онлајн продажбата да не им даваат премногу лични податоци на трговците, доколку им се сомнителни и секогаш да ги проверуваат сметките или извештаите од банка по извршено плаќање – нагласува Тасевска.
Таа укажува дека во согласност со сегашните законски одредби, сѐ уште нема конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад лажен профил или назив на некоја онлајн продавница, и поради тој факт институциите не прават доволно за сузбивање на нелегалната онлајн продажба.
– Од таа причина потрошувачите се тие што треба да внимаваат при купувањето од онлајн продавниците, бидејќи измамата од овие нерегистрирани продавачи што се застапени на социјалните мрежи е голема и понатаму имаат тешкотии за заштита на своите права, за што и постојано се обидуваме да ги советуваме и едуцираме потрошувачите преку јавување во нашето советодавно биро или на медиумите. Во случај да бидат злоупотребени нивните лични податоци, банкарски картички и слично, ќе треба веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи во Секторот за компјутерски криминал и Агенцијата за заштита на личните податоци – предупредува Тасевска.
Внимание: Со онлајн пазарењето расте и сивата економија
Економистите предупредуваат дека растот на онлајн купувањето одразува голема промена во однесувањето на потрошувачите, што пак е проблематично за државата, бидејќи доколку не се преземат мерки за решавање на проблемите, сивата економија ќе продолжи да расте.
Тие укажуваат оти со ширењето на онлајн продажбата се влошува ситуацијата на сивата економија од неколку причини. Една е анонимноста на продавачите (економските оператори), при што повеќе работат без документи и избегнуваат да плаќаат даноци. Поради фактот што онлајн трансакциите често не се евидентираат во даночните системи, се губат приходите за државата. Недостигот од соодветни контроли е уште еден проблем, бидејќи регулаторните институции често немаат доволен капацитет или механизми за следење и контрола на активностите на интернет, со што се отвора патот за раст на сивата економија. Е.Р.


































