Федералната унија на европските националности (ФУЕН) едногласно ја усвои резолуцијата поднесена од Македонското друштво „Илинден“-Тирана, со која се бара поголема заштита на правата на Македонците во Албанија.
Како што соопшти претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, резолуцијата содржи неколку барања до албанските власти.
Меѓу нив се потпишување и ратификување на Европската повелба за регионални или малцински јазици, преземање мерки за заштита на македонскиот идентитет од негирање и асимилација, како и гарантирање дека Општина Пустец ќе остане посебна единица на локалната самоуправа и по евентуалната нова административно-територијална реформа.
Во резолуцијата се бара и Општина Пустец да биде преименувана во Општина Преспа.
Според Ѓурѓај, резолуцијата ќе биде доставена до албанските и меѓународните институции.
– Ова е значаен чекор за зачувување на македонскиот јазик, идентитет, култура и права на Македонците во Република Албанија – наведува Ѓурѓај.
Тој усвојувањето на резолуцијата го оцени како „историски ден“ за Македонците во Албанија.
































