САД, Данска и Гренланд постигнаа договор со кој Вашингтон ќе може да го зголеми своето воено присуство на арктичкиот остров, додека на земјите што не се членки на НАТО ќе им биде забрането да градат воени бази таму, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе „Ројтерс“.
Трамп во објава на „Трут соушл“ наведе дека ниту еден американски противник нема да може да реализира „чувствителни инвестиции“ на Гренланд без одобрение од САД и дека договорот нема рок на важење.
– Со Данска и Гренланд работевме за да гарантираме дека Соединетите Држави засекогаш ќе ја имаат целосната можност да го направат она што е неопходно на Гренланд за да ја обезбедат и одбранат безбедноста на Гренланд и на САД – напиша Трамп.
„Ројтерс“ претходно во петокот објави дека Вашингтон и Копенхаген се блиску до договор за зголемување на американското воено присуство на Гренланд, автономна територија на Данска.
Договорот, сепак, не ја исполнува долгогодишната цел на Трамп САД да го преземат островот. Вашингтон веќе има широки права за користење на воени објекти и за прелет над Гренланд според договорот од 1951 година.
Трамп изјави дека САД наскоро ќе воспостават „значително“ воено присуство на островот, каде што веќе има американска база управувана од Вселенските сили во северозападниот дел.
– Ова е остварување на сонот за Соединетите Американски Држави – напиша Трамп.
Сепак, деталите за договорот остануваат нејасни. Данската влада соопшти дека тој ќе придонесе за зајакнување на безбедноста во Северниот Атлантик и на Арктикот.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека договорот ги зема предвид интересите на островот и неговата улога во меѓународната соработка.
Не е јасно дали договорот предвидува изградба на нови американски бази. Не е познато ниту како ќе биде прифатен на Гренланд, каде што постои силно движење за независност и каде претходните иницијативи на Трамп за американска контрола врз островот наидоа на отпор.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека договорот „трајно и целосно“ ги решава прашањата поврзани со националната безбедност на САД во однос на Гренланд.
Претставник на Стејт департментот, кој зборуваше под услов да остане анонимен, изјави дека договорот им забранува на земјите што не се членки на НАТО да градат бази на Гренланд. Според него, САД и нивните сојузници ќе можат да реализираат одредени „чувствителни инвестиции“, а Вашингтон ќе има траен пристап и права за стационирање и прелет.
Според претставникот, договорот би останал во сила и доколку Гренланд во иднина стане независен.
































