Фото: ЕПА

Германскиот одговор на кризата на либералниот модел ќе биде и европски

  • Германија денес се соочува со една од најдлабоките идеолошки кризи по падот на Берлинскиот ѕид. Во истиот пакет е и длабоката криза на
    националната економија. Од таа кризна лавина исто така е зафатена и Европа. Она што со децении се претставуваше како единствен исправен пат – либералниот капитализам, глобализацијата и таквиот „неограничен“
    модел на економска експанзија – денес сè почесто се доведува во прашање. Не само од академската јавност и експертите туку и од самите европски граѓани, кои чувствуваат дека системот произведува сè поголема економска и социјална несигурност

Во последните три децении европските политики се градеа врз претпоставката дека слободниот пазар сам ќе создаде благосостојба. Колку повеќе производство толку повеќе потрошувачка. Колку повеќе трговија толку повеќе просперитет… Но реалноста покажа дека бесконечниот раст во еден „конечен“ свет со наметната формула како „најдобра“ се покажа дека, всушност, е најдобар за една каста и мал број држави, кои отсекогаш биле со „империјални амбиции“.

Консумеризмот – тема за која ретко се зборува

Современата економија функционира врз логиката дека производот мора што побрзо да стане „застарен“. Пазарот постојано создава нови желби, нови потреби и нови стандарди на потрошувачка. Масовното производство бара масовна потрошувачка, а масовната потрошувачка бара постојано создавање нова побарувачка. Така се создава затворен круг во кој економскиот успех се мери преку количеството на продадени производи, а не преку квалитетот на животот, велат мои соговорници, економски експерти и аналитичари, сега советници за развој на економски корпорациски модели.

Либералниот модел и европските институции

Во изминатите децении значителен дел од политичките елити во европските институции ја прифати логиката дека либерализацијата на пазарите, слободното движење на капиталот и глобалната економска интеграција претставуваат речиси неоспорни цели на европската интеграција. Во такви услови анализата, па и критиката на прекумерниот консумеризам честопати остануваше во втор план. Зошто?
– Доколку се доведеше во прашање моделот што се темели врз постојан раст на производството и потрошувачката, неизбежно ќе се отвореше и поширока расправа за границите на актуелниот либерален економски модел. Токму затоа, според критичарите на овој пристап, институциите понекогаш повеќе се насочуваа кон технолошки решенија отколку кон преиспитување на структурните двигатели на прекумерната потрошувачка – велат соговорниците.

Глобализацијата создаде малку победници, многу повеќе губитници

Соговорниците посочуваат дека либералниот капитализам создал сериозни дисбаланси, покрај придобивките.
– Либералниот капитализам донесе несомнени придобивки… се разбира, за мал број држави и мала група луѓе. Тоа е трагично. А истиот процес произведе други и потешки сериозни дисбаланси. Големите мултинационални корпорации акумулираа економска моќ каква што ретко се гледала во модерната историја. Благодарение на глобалните синџири на снабдување, ниските производствени трошоци и огромните финансиски капацитети, тие стекнаа предност што многу национални компании тешко можат да ја следат. Во исто време, производството постепено се пресели таму каде што работната сила е поевтина, додека многу индустриски региони во Европа се соочија со деиндустријализација, губење работни места и растечко чувство дека глобализацијата не им носи еднакви придобивки на сите – велат соговорниците, економски аналитичари со кои разговарав, додавајќи дека токму сето тоа се враќа како „економски бумеранг“.

Актуелниот модел на економија не може бесконечно да се шири

Ако економијата се потпира исклучиво врз постојано проширување на пазарите, тогаш неизбежно се јавуваат кризи кога тие пазари ќе ја достигнат својата граница, посочуваат експерти упатени во економските состојби.
– Ниту една природна појава не расте бесконечно. Истото тоа важи и за овој модел на економијата, под влијание на либералната идеологија. Секој систем бара рамнотежа меѓу производството и потрошувачката, меѓу економскиот развој и зачувувањето на природните ресурси, меѓу профитот и социјалната правда. Доколку една економија се потпира исклучиво врз постојано проширување на пазарите, тогаш неизбежно се јавуваат кризи кога тие пазари ќе ја достигнат својата граница. Историјата покажува дека секој економски модел што не успева навреме да воспостави нова рамнотежа постепено влегува во период на структурни тензии – тврдат соговорниците.

Подемот на суверенизмот

Во тој контекст сè поголем број европски политички движења зборуваат за суверенизмот како алтернативен пристап кон развојот. Нивната основна теза е дека државите треба повторно да стекнат поголема способност самостојно да ги обликуваат своите економски политики, индустриски стратегии и управувањето со клучните ресурси, без притоа нужно да се откажат од меѓународната соработка. Поддржувачите на ваквиот пристап сметаат дека посилната улога на националните држави може да придонесе за поголема отпорност на економските системи, подобра заштита на домашното производство и порамномерен регионален развој. Од друга страна, критичарите предупредуваат дека премногу изразениот економски суверенизам може да доведе до протекционизам, намалена трговија и послаба меѓународна координација околу заедничките предизвици.

Потребата од нов баланс

Соговорници, економски експерти со кои сум во постојан контакт, зборуваат и за уште еден алтернативен пат: потребата од баланс.
– Европа денес не се наоѓа само пред економска криза. Таа се наоѓа пред криза на постојниот модел. Прашањето повеќе не е дали е потребен раст, туку каков раст?! Дали економскиот успех ќе продолжи да се мери единствено преку растот на БДП или ќе се вреднуваат и социјалната кохезија, индустриската отпорност, квалитетот на животот и одржливото користење на природните ресурси. Можно е иднината да не лежи ниту во неограничениот глобализам, ниту во целосното затворање на националните економии, туку во внимателно барање рамнотежа меѓу отвореноста и заштитата на стратешките интереси.
Европската дебата сè повеќе се движи токму во таа насока. По неколку децении доминација на една економска парадигма, повторно се отвора просторот за преиспитување на улогата на државата, пазарот, индустриската политика и границите на економскиот раст. Дали тоа ќе резултира со подлабока трансформација на европскиот модел или негово приспособување на новите мултилатерални трендови, останува отворено прашање. Но едно е извесно – времето кога либералниот модел се сметаше за единствен можен одговор на сите економски предизвици (повеќе наметнат отколку прифатен) повеќе не изгледа толку неспорно како што изгледаше пред дваесет години и очигледно е дека тој е во надолен тренд – заклучуваат економските експерти.

Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија