Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против шест лица осомничени за фалсификување возачки дозволи, соопшти Јавното обвинителство.
Шестемина се товарат за продолжено кривично дело „Фалсификување исправа“ по член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинението, првообвинетата, која е вработена во Министерството за внатрешни работи како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи во Скопје, во периодот од септември 2020 до август 2026 година во повеќе наврати ги користела своите службени шифри за незаконско менување на податоци во возачките дозволи.
Како што наведува обвинителството, таа внесувала дополнителни категории во дозволите на лица кои не ги исполнувале законските услови.
Останатите петмина обвинети се возачи кои, иако немале положено возачки испит за категориите Ц и Д, во договор со службеничката поднесувале барања за издавање возачки дозволи во кои биле внесувани овие категории.
Издадените возачки дозволи потоа биле користени за добивање сертификати за професионална компетентност на возач за вршење меѓународен превоз на патници и стоки.
Од обвинителството посочуваат дека дел од обвинетите потоа во повеќе наврати управувале автобуси и товарни возила во меѓународниот сообраќај.
Јавниот обвинител предложил продолжување на претходно определениот притвор за тројца од обвинетите, меѓу кои и вработената во МВР.
За другите тројца обвинети, кои се недостапни за органите на прогонот, е предложено определување притвор по нивното пронаоѓање, како и постапката против нив да продолжи во нивно отсуство.
Во рамки на истиот предмет, обвинителството продолжува со обезбедување докази против уште 21 лице осомничено дека било посредник или корисник на фалсификувани возачки дозволи.
Истрагата продолжува и во насока на утврдување на други можни злоупотреби поврзани со случајот.































