Големо невреме попладнево го зафати скопскиот регион. Поројниот дожд поплави повеќе улици во Скопје, а градските власти најавија активирање на кризниот штаб.
– Поради силното невреме кое во текот на денешниот ден го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен, доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција – соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека градот е во постојана комуникација со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции.
– Сите капацитети се ставени во функција, со една цел навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми последици. Екипите на Град Скопје ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно – соопшти тој.
Ѓорѓиевски ги повика граѓаните на внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби.
Активиран е и кризниот штаб на Општина Бутел.








































