Откако во јавноста беше објавено видео на кое се гледа меѓуврсничко насилство, се огласија од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму велат дека СВР Скопје презема мерки по допрен глас за утврдување на идентитетот на лицата и за целосно расчистување на случајот.
– Се повикуваат сите осомничени во врска со предметниот настан, а веќе е извршен разговор со жртвата во присуство на родител и известен е јавен обвинител – информираат од МВР.
Инаку, на видеото кое беше споделено на социјалните мрежи се гледа како девојче е клекнато на колена и моли за прошка, додека неколку други девојчиња го навредуваат, удираат шлаканици и го влечат за коса. Сето тоа се случува пред очите на повеќе присутни малолетници, кои наместо да интервенираат, го снимаат целиот инцидент со мобилни телефони.


































