Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не се согласи да го обнови трговскиот договор на САД со Мексико и Канада, познат како USMCA, во неговата сегашна форма, со што започнува десетгодишен период на годишни ревизии и преговори за измени на северноамериканскиот трговски договор.

Одлуката, објавена по шестгодишната ревизија на договорот меѓу САД, Мексико и Канада, не значи негово непосредно укинување. USMCA останува на сила до 2036 година, но без согласност од сите три земји за негово продолжување, договорот ќе биде предмет на годишни ревизии, освен ако страните во меѓувреме не се договорат за измени.

-САД не се согласија да го обноват USMCA во неговата сегашна форма- изјави американскиот трговски претставник Џејмисон Грир.

-Како резултат на тоа, USMCA не е обновен. САД ќе продолжат да работат со Мексико и Канада за да ги решат недостатоците на договорот и нашите трговски дефицити со двете земји – додаде Грир.

Тој најави дека САД ќе ги продолжат разговорите за USMCA со Мексико во втората половина на јули.

Висок функционер на американската администрација изјави дека разговорите во Мексико Сити ќе се фокусираат на зајакнување на северноамериканските правила за потекло на автомобилите и другите индустриски производи, како и на економската безбедност, со цел да се спречи други земји да имаат корист од пристапот што го овозможува USMCA.

Канадскиот министер Доминик Лебланк, задолжен за трговските односи меѓу САД и Канада, изјави дека USMCA останува „во полна сила“ до 2036 година и дека може да биде обновен во секое време за период од 16 години.

Лебланк, кој учествуваше на виртуелен состанок со Грир и со мексиканскиот министер за економија Марсело Ебрард, рече дека Канада ќе продолжи да работи на решавање на прашањето за американските царини за канадски челик, алуминиум, автомобили и дрвна граѓа.

-Се согласивме дека е важно да ги продолжиме нашите разговори и да ги идентификуваме начините со кои трговските и инвестициските рамки меѓу Канада, САД и Мексико ќе продолжат да го поддржуваат просперитетот и конкурентноста на Северна Америка- изјави Лебланк.

Одлуката на САД беше очекувана, бидејќи Грир претходно изјави дека е потребно повеќе време за решавање на проблемите поврзани со USMCA, меѓу кои и растечките трговски дефицити на САД со Канада и Мексико.

Пред објавувањето на американската одлука, мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум изјави дека продолжувањето на договорот може да се случи во секое време, доколку трите земји постигнат договор во текот на следната деценија.

-Денес не е крајниот рок- рече Шајнбаум на редовната прес-конференција во Мексико Сити.

-Ако за пет месеци или за три години страните кажат дека можат да го продолжат договорот за уште 16 години, тоа ќе биде можно. Заедничката работа продолжува – не е како сè да завршува денеска – додаде таа.

Трамп, кој воведе царини од 25 проценти за мексикански и канадски автомобили, 50 проценти за метали и 10 проценти за дрвна граѓа, повеќепати изјавуваше дека не сака да го продолжи USMCA во сегашната форма. Договорот стапи на сила во 2020 година, кога Трамп го претстави како „најдобриот договор што некогаш сме го имале“.