Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражување на Државниот завод за статистика (ДЗС): Македонија сè уште претежно се грее на дрва, но енергетската слика полека се менува

  • Истражувањето на Државниот завод за статистика открива четири големи промени во навиките на македонските домаќинства за користење огрев. Имено, дрвата остануваат прва опција, инвертерите освојуваат, а фотоволтаиците „срамежливо“ влегуваат во домовите…

Резултатите од едно пообемно истражување за потрошувачката на енергија во домаќинствата за 2024 година на Државниот завод за статистика (ДЗС) идентификуваат не се само бројки и статистика за потрошени киловат-часови електрична енергија, кубни метри дрва или литри гориво (нафта)…
– Резултатите на ДЗС претставуваат своевиден портрет на македонските домаќинства и покажуваат како граѓаните се приспособуваат на високите цени на енергијата, климатските промени, државните субвенции и сопствените финансиски можности. Од истражувањето произлегуваат најмалку четири важни пораки што ја опишуваат трансформацијата на домашната математика и перцепција за енергијата што од некој друг вид, во домовите во зима, заради затоплување, ја претвораме во топлотна – брифира нашиот соговорник, кој во редакцијата ни ги посочи истражувањето и анкетата на ДЗС за начинот на кој се греат домовите во Македонија. Што открива ДЗС во својата анкета?

Дрвата остануваат неприкосновени, но полека ја губат доминацијата

И покрај сите очекувања дека електричната енергија постепено ќе го преземе приматот, огревното дрво и натаму е главен извор за загревање на македонските домови.
Дури 38,2 проценти од домаќинствата се греат со огревно дрво, дрвени отпадоци и „дрвен отпад од овошни насади“. Тоа значи дека речиси четири од секои десет семејства и понатаму зависат од традиционалниот енергент, кој со децении претставува основа на домашното греење. Но истражувањето истовремено покажува дека оваа доминација постепено слабее.
Речиси една четвртина од домаќинствата (24,6 проценти) веќе се потпираат првенствено на електрична енергија, додека уште 18,6 проценти комбинираат повеќе извори на енергија. Токму ова комбинирање станува новата реалност – домаќинствата повеќе не зависат само од еден енергент, туку бараат најекономична комбинација според цените и временските услови.
Особено е значајно што топлинската енергија достигнува учество од 10,8 проценти, а пелетите веќе имаат удел од 7,5 проценти, што покажува дека современите системи за греење полека но сигурно го освојуваат просторот.
Нафтата за ложење, пак, практично исчезнува од македонските домови, со само 0,3 проценти учество.

Инвертерите стануваат нов начин на домашно греење

Можеби најважната промена не се гледа во процентите, туку во технологијата што ја користат граѓаните. На пример, во текот на 2024 година во македонските домаќинства биле регистрирани 277.115 инвертер-клима уреди. Овој број јасно покажува дека инвертерите стануваат доминантен избор за греење и догревање. Зад овој тренд стојат неколку фактори.
Прво, тие овозможуваат значително пониска потрошувачка на електрична енергија во споредба со класичните грејни тела.
Второ, државните субвенции во последните години очигледно придонеле за побрза замена на старите системи за греење.
Трето, инвертерите овозможуваат користење на истиот уред и за ладење во летните месеци, што ги прави економски поисплатлива инвестиција.
Тоа објаснува и зошто вкупната потрошувачка на електрична енергија достигнала повеќе од 3,15 милиони мегават-часа.

Домаќинствата повеќе не се само потрошувачи, тие стануваат и производители на енергија

Втората интересна поента од истражувањето е дека почнуваат да се менуваат и улогата на граѓаните и нивната релација со енергетскиот систем. Имено, сè повеќе домаќинства инвестираат во сопствени обновливи извори на енергија. Потврдена е бројката дека во 2024 година дури 91.545 домаќинства имале инсталирани соларни колектори со вкупна површина од речиси 228 илјади квадратни метри. Овој тренд претставува значителен чекор кон поголема енергетска независност на семејствата. Истовремено, тој покажува дека државните мерки за субвенционирање инвестиции во обновливи извори почнуваат да даваат резултати. Иако засега најголемиот дел од овие системи служи за загревање санитарна вода, тие претставуваат почеток на подлабока трансформација во која граѓаните постепено стануваат активни учесници во производството на енергија.

Во домовите расте бројот на разновидни електрични уреди

Истражувањето покажува уште една промена што на прв поглед изгледа незабележливо, но говори за промената на животниот стандард.
Во македонските домаќинства расте користењето машини за миење садови, машини за сушење алишта и микробранови печки. Истовремено, постепено исчезнуваат „фрижидерите со една врата“ и замрзнувачите како посебни апарати во домот. Тоа укажува дека домаќинствата ги заменуваат старите апарати со понови, комбинирани и поефикасни модели, што претставува уште еден фактор во промената на структурата на потрошувачката на електрична енергија.

Тешкотии при плаќањето сметки за енергија или набавката на енергенти

Иако некои од домаќинствата инвестираат во нови технологии, не сите можат да си го дозволат тоа. Податоците покажуваат дека 10,6 проценти од домаќинствата секогаш имаат тешкотии при плаќањето на сметките за енергија или набавката на енергенти. Од друга страна, 40 проценти од домаќинствата никогаш не се соочуваат со вакви проблеми. Овој јаз открива дека енергетската транзиција не се одвива еднакво кај сите граѓани. некои од семејствата инвестираат во современи технологии, додека други и понатаму се принудени да избираат најевтино решение, без оглед на неговата ефикасност или влијанието врз животната средина.

Се загрева само половина од домот?!

Можеби најинтересниот показател во целото истражување е дека просечната површина на живеалиштата изнесува 91,93 квадратни метри, но во просек се загреваат само 49,99 квадратни метри. Тоа значи дека македонските семејства загреваат само 54,4 проценти од својот дом. Овој податок говори многу повеќе од која било статистика за цените на енергијата. Тој покажува дека голем број семејства ја ограничуваат потрошувачката така што користат само дел од станот или куќата во текот на зимата. Во исто време, просечниот број на членови во домаќинството паднал на 3,04 лица, што го потврдува долгорочниот демографски тренд на намалување на семејствата и растот на помалите домаќинства.

МДомовите зачекорија на патот кон енергетската транзиција

Истражувањето на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажува дека граѓаните кај нас сè уште живеат во домовите чие загревање е „помеѓу два енергетски света“.
Од една страна, дрвата остануваат главен извор за греење, особено надвор од урбаните средини, што зборува за силното влијание на традицијата, достапноста и цената.
Од друга страна, растот на употребата на инвертер-клима уреди, соларни колектори и други современи технологии покажува дека постепено се создава нов модел на потрошувачка, поттикнат од технолошкиот напредок, државните субвенции и желбата за пониски трошоци. Сепак, податоците истовремено предупредуваат дека енергетската транзиција е на почеток. Статистиката на ДЗС не зборува само за енергијата туку и за економската состојба, демографските промени и квалитетот на животот на македонските граѓани. Е.Р.