
Повод: Забележаното присуство на рибата-зајак во водите на Егејско Море
- „Убиец демне во плиткото“, „Риба што одгризува човечки прсти“, „Смртоносен предатор ги напаѓа туристите“… Вакви и слични наслови со недели се натпреваруваат кој повеќе ќе го исплаши читателот. Во ерата кога вниманието е најскапата валута, стравот станува најевтината новинарска алатка?! Сензационалистички наслови сѐ повеќе го преплавуваат медиумскиот простор, а рибата-зајак ќе ја земеме како метафора за амбициите на медиумите да дојдат до што повеќе кликови и читаност, дури и ако медиумскиот напис и прилог се спротивни на професионалните новинарски стандарди и принципи
Ако човек се информира само од дел од регионалните портали, лесно може да помисли дека летувањето во Грција годинава е рамно на експедиција низ море полно со чудовишта. „Убиец демне во плиткото“, „Риба што одгризува човечки прсти“, „Смртоносен предатор ги напаѓа туристите“… Вакви и слични наслови со недели се натпреваруваат кој повеќе ќе го исплаши читателот. Во ерата кога вниманието е најскапата валута, стравот станува најевтината новинарска алатка?!
Вистината, како и обично, е значително помалку драматична. Да, рибата-зајак (Lagocephalus sceleratus) е сериозен еколошки и економски проблем. Но не затоа што организира лов на капачи по плажите, туку затоа што го нарушува морскиот екосистем, уништува рибарски мрежи и претставува опасност доколку некој ја улови, ја подготви и ја изеде. Разликата меѓу фактите и сензацијата е огромна, но токму таа разлика често исчезнува кога ќе се напише наслов што треба да донесе што повеќе кликови.
Иронијата е што токму институциите во Грција, кои најдобро го познаваат проблемот, истовремено предупредуваат и да не се создава паника. Дури шеснаесет медицински и туристички здруженија од Крит јавно потсетија дека присуството на оваа риба во Средоземно Море не е никаква новост и дека таа не претставува закана за луѓето што пливаат. Но таквите информации ретко добиваат простор еднаков на драматичните приказни за „морскиот убиец“.
Стравот секогаш се продава подобро од контекстот
Многу полесно е да се објави фотографија од отворена рибја вилица и да се додаде текст за „ѕвер што гризе коски“ отколку да се објасни дека рибата не ги напаѓа луѓето, не ги демне туристите и не претставува закана за капачите. Таа е опасна само ако некој ја консумира или ако невнимателно ракува со неа по уловот.
Тоа, се разбира, не значи дека проблемот треба да се минимизира. Напротив. Грција сосема оправдано воведе финансиски стимулации за нејзин организиран улов, со што рибарите ќе добиваат надомест за секој килограм уловена риба. Целта не е заштита на туристичкиот имиџ, туку заштита на морската биолошка разновидност и на рибарството, кое веќе трпи значителни економски загуби.
Куса информација за рибата-зајак
Рибата-зајак е доселеник од Црвено Море, кој во Средоземјето пристигнал преку Суецкиот Канал. Со затоплувањето на морето, условите за нејзино размножување стануваат сè поповолни, па таа постепено го проширува својот ареал. Станува збор за исклучително издржлив и приспособлив вид, со мал број природни непријатели во новата средина.
Нејзини највпечатливи карактеристики се силните заби, кои лесно ги кинат рибарските мрежи, јадиците и оклопите на школките и ракчињата. Таа е ненаситен предатор што се храни со риби, мекотели, главонози и други морски организми, поради што сериозно ја нарушува рамнотежата на локалните екосистеми.
Името „риба-зајак“ кај нас често создава погрешна претстава за мирно и безопасно животно. Всушност, таа припаѓа на семејството надувани риби. Кога ќе се почувствува загрозено може да го надуе телото, а нејзините органи содржат тетродотоксин – еден од најсилните природни невротоксини. Токсинот не исчезнува со варење, печење или замрзнување, па консумирањето на рибата може да има фатални последици.
Но, повторно, тоа не ја прави „морско чудовиште“. Нејзиниот отров не се пренесува преку морската вода, ниту со обично пливање покрај неа. Најголем ризик имаат рибарите што ја вадат од мрежите и луѓето што би се обиделе да ја приготват како храна без да знаат за нејзината токсичност.
Затоа, најдобрата одбрана од оваа инвазивна риба не е паниката, туку знаењето.
Информирањето треба да се темели на научни факти, а не на хорор- наслови
Кога медиумите ја заменуваат информацијата со сензација, тие не му прават услуга никому – ниту на читателот, ниту на туристичките дестинации, ниту на јавноста, која заслужува да биде информирана, а не заплашувана.
Рибата-зајак навистина е проблем. Но уште поголем проблем е кога сензационализмот ќе стане поважен од вистината. Морето нема потреба од измислени чудовишта. Доволно е сериозно да се зборува за вистинските предизвици што ги носат климатските промени и инвазивните видови. Н.М.
































