Фото: МВР

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Одделот за специјални полициски операции – Единицата за брзо распоредување, под раководство на ОЈО ГОКК, вчера спровеле акција против криминална група осомничена за криумчарење стоки и коруптивни кривични дела.

Врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија. Од слобода се лишени шест лица, а при претресите се пронајдени и одземени над 100.000 евра, 16 плочки со златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, повеќе мобилни телефони и други предмети.

МВР соопшти дека Единицата за финансиски криминал при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднела кривична пријава против осум лица за повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење, прикривање стоки предмет на криумчарење, избегнување плаќање акциза, примање и давање поткуп, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување и перење пари и други приноси од казниво дело.

За тројца од осомничените јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување притвор, додека за тројца предложил мерки на претпазливост. Двајца осомничени, според Обвинителството, во моментов се недостапни за органите на прогонот.

Според досега обезбедените докази, во периодот од 2024 до 2026 година првоосомничениот М.С. организирал нелегално внесување и складирање на акцизни стоки, пред сè цигари и тутун, како и нивна понатамошна препродажба.

Како што наведува Обвинителството, во активностите бил вклучен и царински службеник, кој преку информации за своите смени, царинската лента на која бил распореден и засилените контроли им овозможувал на членовите на групата непречено да ја пренесуваат стоката без пријавување и плаќање на давачките.

Истрагата опфаќа и случај на поткуп на ЦИ „Богородица“. Постои основано сомнение дека првоосомничениот му ветил парични средства на царинскиот службеник за да не изврши контрола на возило во кое биле пренесувани цигари. Според Обвинителството, службеникот го прифатил ветувањето и го пропуштил возилото без контрола, а во предавањето на парите посредувал еден од осомничените, турски државјанин.

Дел од истрагата се однесува и на нелегална трговија со лекови и други производи. Првоосомничениот и третоосомничениот се осомничени дека неовластено увезувале, складирале и нуделе на продажба лекови, како и производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата.

При претресите биле пронајдени поголеми количини препарати наменети за третман на различни заболувања, меѓу кои дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини. Пронајдени биле и препарати кои се издаваат со лекарски рецепт, како и други производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата.

При претресите во домот на првоосомничениот, во две метални сеф-каси скриени во спуштен плафон биле пронајдени 86.200 евра и 16 плочки со златна боја. Во неговото возило дополнително биле пронајдени 6.465 евра и 62.000 денари.

Претходно, при претрес во неговиот дом во јануари годинава, биле пронајдени поголеми количини цигари, 30.000 канадски долари, 35.000 австралиски долари, 12.950 евра и 69.000 денари.

Според Обвинителството, постои основано сомнение дека првоосомничениот ги прикривал паричните средства стекнати со криминални активности со цел да го сокрие нивното потекло.

При претресите кај останатите осомничени биле пронајдени и одземени цигари и други стоки за кои постои сомнение дека потекнуваат од криумчарење.

Обвинителството наведува дека со дејствијата опфатени со истрагата е предизвикана материјална штета на државниот буџет преку избегнување царински давачки, акциза и данок на додадена вредност во значителен износ. Истовремено, со неовластеното пуштање во промет на лекови и други средства за лекување без потребните одобренија, упатства и рецепти, според Обвинителството, била создадена опасност за здравјето на луѓето.

Акцијата е резултат на докази обезбедени преку анализа на податоци извлечени од мобилен телефон на првоосомничениот, одземен при претрес извршен во јануари годинава.

Сите пронајдени предмети и парични средства релевантни за постапката се одземени и ќе бидат предмет на понатамошно вештачење и анализа.