Фото: Царина

Мобилните тимови на Царинската управа спречиле обид за нелегално внесување 200.000 евра непријавени девизи, откако унгарски државјанин при влез во земјава, на граничниот премин „Табановце“, не ги пријавил паричните средства кај царинските службеници.

Поради сомнеж, возилото било селектирано за контрола, при што при деталниот преглед биле пронајдени девизни средства на повеќе места.

 – Помеѓу менувачот и ташната била пронајдена црна платнена торбичка со 65.000 евра. При понатамошниот преглед, во ранец кој се наоѓал на задното седиште била пронајдена мала црна торбичка покриена со компјутер, во која имало 37.650 евра. Во куферот, исто така на задното седиште, помеѓу гардеробата била пронајдена уште една црна торбичка со 97.350 евра – соопшти Царинската управа.

Од вкупно пронајдените 200.000 евра непријавени парични средства, на патникот му биле вратени 10.000 евра, согласно Законот за девизно работење, додека останатите 190.000 евра се задржани со Потврда за задржани средства.

Против сторителот е поднесена соодветна прекршочна пријава.