Македонската Армија не е само гарант на мирот и безбедноста на земјата, туку активно придонесува и кон зацврстувањето на регионалната и колективната безбедност, а Министерството за одбрана силно инвестира во развојот на нејзините капацитети, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешната министерска средба во Брдо, Словенија.
Средбата се одржа во формат на министри за одбрана на Централноевропската одбранбена соработка и земјите од Западен Балкан. Мисајловски се осврна на севкупните инвестиции во одбраната, како и на активностите поврзани со одбраната и безбедноста.
– Со инвестиција од 2 проценти во одбранбениот буџет и силните инвестиции во воената мобилност преку изградбата на коридорите 8 и 10, земјата не само што ги исполнува во целост своите обврски кон заедничката алијанса, туку и на терен ги зацврстува безбедноста и стабилноста на поширокиот регион – рече Мисајловски.
Тој додаде дека воената мобилност ја сметаат за еден од клучните фактори што ја овозможуваат европската и евроатлантската безбедност.
Во контекст на европската поддршка, Мисајловски го спомена четвртиот европски пакет, кој за првпат вклучува активности за развој на инфраструктурата на армискиот полигон „Криволак“. Како што посочи, полигонот е важен ресурс за обука и извежбување на македонската Армија, сојузниците и партнерите.
Говорејќи за регионалната безбедност, Мисајловски нагласи дека е потребно нејзино континуирано зацврстување.
– Стабилен Балкан значи стабилна Европа – посочи тој, осврнувајќи се на мисиите на НАТО, КФОР во Косово и на ЕУ, „Алтеа“, во Босна и Херцеговина, во кои придонесуваат и македонски војници.
Мисајловски оцени дека регионот низ годините се трансформирал од увозник во извозник на мир, стабилност и безбедност.
– Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во одбранбените иницијативи на Европската Унија дополнително ќе ги зајакне регионалната стабилност и севкупната безбедност на Европа – рече Мисајловски.
Тој додаде дека земјата поддржува поголема вклученост на балканските партнери во релевантните одбранбени иницијативи и инструменти на Европската Унија.
Мисајловски денеска учествуваше и на средбата во формат на земји учеснички во Балканските медицински наменски сили (БМНС), каде што говореше за досегашната реализација на иницијативата и за потребата од носење одлуки со кои ќе се зголеми нејзината видливост.
– Земјите членки на Балканските медицински наменски сили влегуваат во период во кој се потребни конкретни чекори за преземање поголема одговорност. Безбедносните случувања влијаат врз приоритетите на партнерите на БМНС, при што фокусот сè повеќе се насочува кон други региони. Токму затоа сега е потребно заеднички да покажеме и јасно да изразиме силна волја, посветеност и визија за понатамошниот развој на БМНС – рече Мисајловски.
Тој потврди дека земјата ја поддржува идејата да се разгледаат можностите БМНС да даде свој придонес и надвор од Балканскиот Регион, за што, како што наведе, ќе бидат потребни позитивен пристап, заедничка волја и посветеност од сите земји членки.
































