ВО СКОПЈЕ УСПЕШНО ЗАВРШИ ЕВРОПСКИОТ КУП ЗА СЕНИОРИ
- Зад сето ова стои голема работа на целиот тим, раководството на федерацијата, Организацискиот комитет, судиите, техничкиот персонал,
волонтерите, клубовите, институциите и партнерите, кои помогнаа настанот да се реализира на ова ниво. Затоа, ова не е успех само на ЏФМ туку на целото македонско џудо. Со секој ваков настан создаваме услови следната генерација македонски џудисти да растат во средина во која европското и светското џудо ќе бидат сѐ поблиску до нив, вели спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски
Европскиот куп во џудо за сениори „Скопје 2026“ заврши по два интересни и возбудливи натпреварувачки дена на татамите во СЦ „Јане Сандански“. Силната меѓународна конкуренција резултира со табела на медали што го одрази високиот квалитет прикажан на ова врвно натпреварување. Девет земји освоија најмалку по еден златен медал, а 18 нации си заминаа од Скопје со место на победничкиот подиум. Русија е на врвот на вкупната табела со по четири златни и сребрени и десет бронзени медали. Франција беше втора со биланс од 2-3-2, а Грузија ја заокружи првата тројка со два златни, еден сребрен и еден бронзен медал.
Македонија во оваа силна конкуренција настапи со 10 џудисти и една џудистка. Најмногу во оваа врвна конкуренција покажа Никола Павловски (категорија до 100 кг), кој оствари победа во репасажот, но поразот во следната борба го остави на чекор до можноста да се бори за бронзен медал.
– Како спортски директор на Џудо-федерацијата на Македонија, исклучително сум задоволен од целокупната организација на Европскиот куп за сениори во Скопје. Ова беше уште еден голем меѓународен џудо-настан што Македонија го организира на високо европско ниво. Бројката на натпреварувачи од 42 држави и четири континенти доволно зборува за неговиот обем и значење. Особено радува што позитивните оцени не доаѓаат само од нас како организатори туку и од учесниците, тренерите и од европската џудо-заедница. По првиот натпреварувачки ден, тренерот на хрватската репрезентација го оцени купот како одличен, истакнувајќи го бројот на високорангирани натпреварувачи и квалитетни борби. Победничката во категоријата до 63 кг, Нина Цвјетко од Хрватска, ги истакна одличната атмосфера во салата и поддршката од домашната публика. За нас како федерација, тоа е најголема потврда дека вложениот труд дава резултат. Кога гостите си заминуваат со позитивни впечатоци од условите, организацијата, публиката и третманот, Македонија се потврдува како сериозен домаќин на големи меѓународни натпревари – ни изјави спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Горан Мицкоски.
Сепак, според Мицкоски, значењето на овој настан е многу поширок од организацискиот успех.
– Купот претставува голема промоција за нашата држава и за македонското џудо, а на младите и на сениорските натпреварувачи им овозможува на домашен терен да следат и да се натпреваруваат со џудисти од различни европски школи. Таквото искуство тешко може да се стекне на друг начин. Ваквите натпревари се значајно училиште и за нашите тренери, судии, технички лица, волонтери и за сите вклучени во организацијата. Секој настан ни носи нови знаења и ни помага да го унапредуваме организациското ниво. Важно е што ова не е изолиран успех. Во последниот период, Македонија покажа дека може континуирано да организира сериозни меѓународни џудо-настани. Токму поради високите оцени за досегашната работа на ЏФМ, ни беше доверен и овој Европски куп за сениори – вели Мицкоски.
Според Мицкоски, зад сета оваа организација стои голема работа на целиот организациски тим.
– Нашата цел е Македонија да биде препознаена не само по традицијата и квалитетните џудисти туку и по способноста професионално да организира големи европски и меѓународни натпревари. Зад сето ова стои голема работа на целиот тим, раководството на федерацијата, Организацискиот комитет, судиите, техничкиот персонал, волонтерите, клубовите, институциите и партнерите, кои помогнаа настанот да се реализира на ова ниво. Затоа, ова не е успех само на ЏФМ туку на целото македонско џудо. Со секој ваков настан создаваме услови следната генерација македонски џудисти да растат во средина во која европското и светското џудо ќе бидат сѐ поблиску до нив – заклучува Мицкоски.
Задоволство од она што го видоа и доживеаја на Европскиот куп за сениори имаа и самите натпреварувачи и тренери. Еден од нив беше српскиот џудист Лазар Ждрале, кој оствари пет победи од пет борби во категоријата до 100 кг.
– Многу сум задоволен од мојот настап. Имав пет борби и пет победи, а со овој медал си го обезбедив и местото на ЕП до 23 години. Имаше многу тешки борби, за кои беа потребни голема концентрација и напор за да се стигне до победата. Ова е третпат како се натпреварувам во Скопје и организацијата овде е навистина прекрасна, па затоа се чувствувам како дома – вели Ждрале, пренесе Европската џудо-унија (ЕЏУ).
Позитивен коментар упати и неговиот тренер Љубиша Мајдов.
– Скопје станува позната средина за Ждрале. Одличен натпреварувачки ден. Сѐ беше на највисоко ниво, и судењето и борбите и организацијата. Изненаден сум од големиот број натпреварувачи, како и од бројот на врвни џудисти од светската ранг-листа на ИЏФ што учествуваа. Самото присуство на претседателот на ЕЏУ, Ласло Тот, пак, доволно говори за нивото на турнирот – вели Мајнов, пренесе ЕЏУ. Г.И.




































