ФУДБАЛ

  • Македонија ќе дебитира во лигата Б со мечот в сабота со Швајцарија. Петтата сезона на Лигата на нациите почнува в четврток со дуелот Андора – Малта, актуелниот победник Португалија игра дома со Велс, европскиот и светски шампион Шпанија гостува кај Англија…

Репрезентативниот фудбал неделава се враќа во центарот на вниманието, со почетокот на петтата сезона на Лигата на нациите. Македонија се подготвува за својот најголем предизвик досега во тоа натпреварување, бидејќи ќе дебитира во лигата Б. „Црвено-жолтите“ во групата 1 во првото коло играат дома, со Швајцарија, в сабота (20.45 ч.), а во таа група се и селекциите на Шкотска и на Словенија. Новиот проширен меѓународен прозорец предвидува по четири меча за секоја репрезентација во рок од десетина дена. Петтата сезона на Лигата на нациите почнува в четврток со дуелот Андора – Малта (од 18.45 ч.). Во другите средби од 1. коло, на пример, актуелниот победник на Лигата на нациите, Португалија, дома игра со Велс, в четврток (20.45 ч.), кога е и мечот Холандија – Германија (20.45 ч.), европскиот и светски шампион Шпанија игра на гости со освојувачот на бронзен медал на годинашното Светско првенство, Англија (сабота, 20.45 ч.)…
Интензитетот на новата сезона на Лигата на нациите ќе биде уште поголем откако Европската фудбалска унија (УЕФА) неодамна најави дека сезонава ќе биде транзициска, па за следната сезона натпреварувањето ќе се намали од четири на три дивизии.

Како резултат на тоа, механизмите за промоција и за испаѓање се модифицирани, па репрезентациите не играат само за пехарот туку и за обезбедување опстанок или за напредок во соодветните нови лиги на Лигата на нациите, која и сезонава ќе биде поврзана со пласман на големо натпреварување, овој пат за настап на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, кое треба да се игра во Англија, Велс, Шкотска и во Република Ирска.
Од квалификациите, 12-те победници на групите и осумте најдобри второпласирани ќе се пласираат директно на континенталното првенство во 2028 година. Две места на тој турнир ќе бидат резервирани за двете најдоброрангирани репрезентации од домаќините, кои не се пласирале директно на шампионатот, а другите места ќе бидат доделени преку плејоф, помеѓу преостанатите второпласирани селекции во квалификациските групи и најдоброрангираните непласирани победници на групите во Лигата на нациите за сезоната 2026/2027, објави УЕФА. Во зависност од бројот на места што ќе ги користат репрезентациите домаќини, бројот на места на ЕП 2028 определени преку плејоф може да варира помеѓу две и четири, пишува УЕФА. Н.М.