Најмалку осум лица се повредени во утринското пукање во близина на средно училиште во западна Турција, објавија американските медиуми, повикувајќи се на официјални извори.
Осомничениот за нападот е уапсен, соопштија локалните власти.
Инцидентот се случил околу 8 часот по локално време, пред средно стручно училиште во округот Тургутлу, во покраината Маниса.
По пријавувањето на пукањето, на местото веднаш биле испратени полициски и медицински екипи. Повредените биле пренесени во болници, но властите засега не соопштуваат детали за нивната здравствена состојба.
Според покраинската влада, мотивот за нападот сè уште се истражува.
– Осомничениот, за кој се верува дека пукал, бил приведен од безбедносните сили по инцидентот – се наведува во соопштението.
Првичните информации за бројот на повредените и состојбата на осомничениот се менувале во текот на известувањето. „Ројтерс“ претходно објави дека напаѓачот избегал од местото на настанот и дека двајца од ранетите се во критична состојба.
Турскиот информативен канал „Хабер Турк“ објави дека повредените најверојатно се ученици. Според овие информации, напаѓачот пукал со пушка кон учениците кои пристигнувале во училиштето.
Истрагата за мотивот и околностите на нападот е во тек.































