Фото: ИК „Збор“

Нови книги

Во продукција на издавачката куќа „Збор“ од Велес деновиве од печат излезе новата книга за деца „Стојче Бројче“ на авторката Соња Гаврилова. Својата прва промоција книгата ја доживеа во библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес, пред многубројна публика, а со учество на авторката, промоторите и голем број деца.
Весна Дамчевска Илиевска, како рецензентка и една од промоторите на книгата, истакна дека станува збор за дело на чии страници живеат детството, другарството, прифаќањето и хуманоста.
– Стојче Бројче е едно дете со попреченост што нè води кон сознанието дека секое дете како свет за себе заслужува љубов, разбирање и чувство на припадност.
Четирите децении работно искуство со децата, со љубов и посветеност, мојата драга колешка, психолог, авторка на романот Соња Гаврилова ги преточила во дело со силна воспитно-образовна порака. Секоја инклузија е заемност, давање и примање, учење и поучување, заедничко растење на сите, на децата, наставниците и родителите! Ова е роман што инспирира и охрабрува – посочи Дамчевска Илиевска.

***

Неодамна ИК „Едука МАК“ од Скопје ја објави сликовницата за деца „Охридските градинарчиња“ на авторката Роза Костеска. На интерактивен начин, пред многубројната детска публика, самата авторка ја претстави својата книга на првата промоција, која се одржа под отворено небо, на плоштадот „Вангел Наумоски“ во Охрид. Водителка на настанот беше Ана Томовска, кој се реализира во рамките на проектот „Културата расте со децата“, поддржан од Општина Охрид. Роза Костеска е авторка на повеќе книги и сликовници за деца.
Подготвил: Ф.Д.

Фото: Приватна архива